Камбоџиската народна партија на премиерот Хун Сен освои 68 места во новиот парламент, а главната опозициска партија – 55, соопшти портпаролот на Владата и министер за информации Кхиеу Канхарит.
Овие бројки Канхарит ги соопшти на Фејсбук, дополнувајќи дека се можни мали отстапувања до официјалното прогласување на резултатите, но во секој случај неговата партија е победник на овие избори.
Претходно лидерот на главната опозициска партија – Партијата за национално ослободување на Камбоџа Сем Ренси изјави дека неговата партија победила на изборите, но подоцна ја повлече изјавата.
Ако овие бројки се потврдат, тоа ќе значи добар резултат за Партијата за национално ослободување на Камбоџа, која во досегашниот парламент имаше само 29 места, а партијата на Хун Сен – 90 од вкупно 123.
Околу 9,6 милиони луѓе имаа право на глас во 19.000 избирачки места во Камбоџа. Гласањето беше одбележано со обвиненијата од опозицијата дека владејачката партија се впушта во изборни измами.
По речиси 30 години на чело на власт, Хун Сен дури не се ни труди да организира предизборна кампања, коментираат светските медиуми.