Украинската престолнина доцна синоќа беше нападната од руски беспилотни летала, соопшти градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Тој рече дека во текот на ноќта Киев бил цел на напад со руски дронови во напад извршен во неколку бранови, пренесе „Скај њуз“.
– Нападот со дронови врз главниот град не престанува. Силите за воздушна одбрана дејствуваат во различни делови на градот. Во главниот град влегуваат беспилотни летала од различни правци – рече Кличко.
Алармот за опасност од воздух започна околу 19 часот вечерта по локално време.
„Скај њуз“ пренесува дека воената управа на Киев утринава соопшти дека нападот траел над пет часа и дека нивната противвоздушна одбрана соборила најмалку 10 дронови.
„Руски беспилотни летала влегоа во главниот град на Украина во бранови, групи со различен број и од различни правци“, се вели во соопштението.
„Воздушната тревога во градот траеше повеќе од пет часа“, се додава.
Не е јасно колку беспилотни летала ја избегнале противвоздушната одбрана, ниту дали има повредени или оштетувања.