Американскиот претседател вчера пристигна во Женева. По средбата со швајцарскиот претседател и шефот на дипломатијата, тој се повлече во хотелот каде требаше да престојува до средбата со Путин. Се верува дека Путин ќе слета околу пладне.
Деновите пред состанокот во овој град беа направени детални подготовки и проверки за нивното доаѓање. Вилата „Ла Гранж“, каде ќе се сретнат, се наоѓа на брегот на Женевското езеро и е опкружена со километри бодликава жица. Паркингот е реконструиран за да се сместат повеќе од 30 возила на делегациите, и беше обезбедено место за слетување на два хеликоптери.
Планот за самитот е двајцата лидери да се состанат во 13 часот по средноевропско време. Според претходните најави од Кремљ, преговорите ќе се состојат од три дела. Тие ќе се сретнат најпрво во потесен состав, а потоа и во проширен, за на крајот да одржат одделни прес-конференции.
За време на разговорите, Путин ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, а Бајден ќе биде придружуван од американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Жителите на Женева утринава главно работат од дома, бидејќи се блокирани голем број улици. Оклопни возила се паркирани пред хотелот Интерконтинентал, каде што престојува претседателот Бајден, а бетонските блокови се поставени низ целиот град. Руски и американски знамиња се веат на бројни локации во центарот.
Во обезбедување на самитот се ангажирани околу 4.000 припадници на безбедносните сили, кои се одговорни посетата и историскиот состанок да се одвиваат без проблеми.