Американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум во Давос изјави дека неговата иницијатива „Одбор за мир“ има потенцијал да стане едно од највлијателните меѓународни тела. Според него, иницијативата веќе привлекла интерес од голем број држави.
Трамп рече дека глобалните безбедносни закани се намалуваат и повтори дека неговата администрација одиграла клучна улога во решавање на повеќе конфликти, вклучително и операциите против ИСИС и нападите врз иранските нуклеарни постројки. За војната во Украина оцени дека се покажала како најтешкиот предизвик.
„Се случуваат многу добри работи“, рече Трамп, тврдејќи дека заканите за Европа, Америка и Блискиот Исток „значително се намалуваат“. „Само пред една година, светот буквално гореше, а многу луѓе дури и не го знаеја тоа“, додаде тој.
Трамп го повтори своето тврдење дека „решил осум војни“ откако ја презеде функцијата и изрази увереност дека наскоро ќе се постигне уште еден договор. Осврнувајќи се на војната во Украина, тој рече: „Онаа за која мислев дека ќе биде лесна, се покажа веројатно најтешката“.
Поканата за членство во Одброт на Трамп ја прифатија Аргентина, Ерменија, Азербејџан, Бахреин, Белорусија, Египет, Унгарија, Индонезија, Јордан, Казахстан, Косово, Мароко, Пакистан, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Узбекистан и Виетнам, додека Франција, Обединетото Кралство, Шведска и Норвешка одбија учество. Дел од државите, вклучувајќи ги Германија, Италија, Кина и Украина, сè уште немаат јасен став.
Иницијативата нема формален меѓународен мандат и предизвика контроверзии, особено поради можноста за вклучување на Русија, што беше една од причините за одбивање од страна на некои западни земји.
„Одборот за мир“ е иницијатива на Доналд Трамп замислена како ново меѓународно тело кое би се занимавало со мировните процеси и безбедносните кризи надвор од постојните рамки како што се Обединетите нации.
Првично, требаше да го следи прекинот на огнот во Газа, но со текот на времето прерасна во поширока идеја за форум кој би се занимавал со глобалните конфликти.