Една од најголемите природни непогоди која ја погодила Чешка во нејзината историја се случи попладнето и вечерва, кога силно торнадо срамни со земја неколку села во југоисточниот дел од земјата, близу границата со Словачка. Повредени се над 150 луѓе, а властите велат дека сигурно има и жртви, но рано е да се прават проценки за загинатите, затоа што многумина се затрупани под урнатините.
Предизвикана е огромна материјална штета во погодените населби, меѓу кои е и градот Ходонин, на словачката граница. Ветрот кој дуваше со брзина од 270 до 320 километри на час, корнеше дрвја и носеше автомобили, покриви и цели монтажни објекти. Драматичните снимки ја покажуваат неверојатната жестина на невремето.
Според чешките метеоролози, торнадото било од категорија Ф3 или Ф4, што е невообичаено голема сила на вакво невреме за земјата во која торнадата се ретки. Напомош на жителите на погодените области во регионот јужна Моравија, им биле ставени на располагање околу 300 пожарникари, а во спасувачките активности е вклучена и војската.
„Имаше неколку автобуски несреќи, урнати се покриви и луѓе се поплавени во нивните куќи. Соработуваме со екипите на итна помош од повеќе региони, ни помагаат колеги од цела Чешка“, изјави портпаролката на јужноморавските спасители.
Австрија веќе испрати спасувачки екипи кои треба да помогнат во лоцирањето и спасувањето на евентуални преживеани меѓу исчезнатите во најтешко погодените области.