Најмалку две лица загинаа, а 18 се повредени во судирите меѓу безбеносните сили и локалното население во југоисточниот дел на Венецуела, недалеку од границата со Бразил, објави АП.
Демонстрации се одржаа и во главниот град на Венецуела, Каракас, каде што илјадници луѓе излегоа на улиците, но инциденти беа забележани само на границите со Колумбија и Бразил.
Инцидентите и протестите се случуваа во време кога опозициските партии во земјата се обидуваат, преку границите да внесат во земајта хуманитарна помош за населението и покрај противењето на претседателот, Николас Мадуро.

Протести оддржаа и илјадници поддржувачи на Мадуро. Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, најави дека ги прекинува дипломатските односи со Колумбија и посочи дека ќе има и протерување на колумбиски дипломати, откако оваа земја ги поддржа напорите на венецуелската опозиција за испорака на хуманитарна помош.

„Трпението е исцрпено. Јас веќе не може да толерирам колумбиската територија да се користи за напади против Венецуела. Од таа причина, решив да ги прекинам сите политички и дипломатски односи со фашистичката власт на Колумбија“, изјави Мадуро кој смета дека хуманитарната операција е изговор за американска воена интервенција во Венецуела и негово соборување од власт.

Според информации кои ги објави „Ројтерс“ беше посочено дека доцна синоќа уште едно лице е убиено на границата, а пристигнаа и информации дека бил запален еден од камионите со хуманитарната помош, но овие информации не беа потврдени.