Шпанија се справува со последиците од поплавите кои ја опустошија земјата во последните 24 часа. Последниот извештај на властите на Валенсија, објавен синоќа во 19 часот и 30 минути, потврдува 95 загинати и многу исчезнати лица по кои потрагата е во тек.
Локалните власти соопштија дека судската палата во главниот град на регионот, исто така наречена Валенсија, била претворена во привремена мртовечница бидејќи се стравувало дека бројот на жртвите ќе расте. Во градот Паипорта во Валенсија, најмалку 40 луѓе ги загубија животите, од кои шест се во дом за стари лица, објави шпанската државна новинска агенција ЕФЕ, повикувајќи се на изјава на градоначалникот.
На видеата објавени од спасувачките служби се гледаат цели улици под вода, луѓе заробени на покриви и автомобили превртени и натрупани од поплавата. Се проценува дека околу 1.200 луѓе сè уште се заробени на различни делови од автопатот во Валенсија, додека околу 5.000 возила се блокирани од надојдената вода, објави EFE, цитирајќи ја шпанската Guardia Civil.
„Кога водата почна да се крева, дојде како бран“, рече Гилермо Серано Перез (21) од Паипорта, во близина на Валенсија. „Тоа беше како цунами. Гиљермо е еден од илјадниците луѓе кои доживеаја поплави во вторникот вечерта.
Би-Би-Си објави дека водата се повлекла, но премиерот Педро Санчез ги повика жителите на Валенсија, Андалузија и Каталонија да бидат внимателни бидејќи црвените и портокаловите предупредувања останале на сила на голем дел од територијата.
#RescatesGC
Labores de auxilio y búsqueda de desaparecidos en #Cártama y #Álora (#Málaga)
#DANA @guardiacivil☎️062 / 112 pic.twitter.com/UB2fvgcwHN— Guardia Civil (@guardiacivil) October 30, 2024
Министерот за територијална политика Анхел Виктор Торес рече дека точниот број на исчезнати сè уште не е познат по дождот кој за помалку од осум часа падна во количина колку за една година.
Во Шпанија е прогласена тридневна жалост за жртвите кои ги загубија животите во големата поплава.