Јас сум веројатно најсреќниот човек на светот, им кажа Србинот Немања Спасојевиќ на американските новинари, откако стигна да раскаже за блиска средба со еден од најопасните морски предатори – големата бела ајкула, во водите на Тихиот Океан кај Сан Франциско.
„Доживеав да ме нападне голема бела ајкула и да ме пуштат од болница истиот ден“, вели 38-годишниот нуркач, кој по инцидентот завршил со десетина лузни од угризот на, според неговите кажувања, двометарската ајкула, на задната страна од ногата.
„Почувствував нешто како угриз на комарец и дека нешто ме турка. Кога се свртев да видам, здогледав две очи и нос“, вели среќниот нуркач.
Тој запливал кон брегот и се држел што поблиску до карпи, за да може да се заштити од морскиот пес.
„Панично удирав по водата и водев сметка пераите да ми бидат надолу, па ако повторно ме нападне, да загризе во нив, а не во мојата рака или нога“, вели Спасојевиќ за НБЦ.
Кога стигнал до брегот, тој сфатил дека неговиот нуркачки костум е полн со крв, како и дека нема да може самиот да се качи по скалите и да дојде до автомобилот, па во болница. Го врзал бутот со ремен, за да спречи да изгуби многу крв.

Нуркачот некако успеал да повика еден рибар, кој му помогнал на празната плажа. Спасојевиќ вели дека на негова среќа, ајкулата била „нежна“, па затоа тој воопшто и добил шанса да раскаже за оваа „блиска средба“.