(ВИДЕО) Создадена е „огнена бура“: Пожарот се заканува да проголта цел град, луѓето бегаат во паника

Од:

Властите во францускиот регион Жиронда донесоа одлука за дополнителни евакуации на населението поради големиот шумски пожар што се приближува до областа околу Бордо и кој прерасна во појава опишана како „огнена бура“.

Директорот на Службата за вонредни состојби во Жиронда, Марк Вермелен, изјави дека пожарот, кој првично имал карактеристики на пирокумулус – облак што се создава поради екстремната топлина од пожарот – сега се развива во пирокумулонимбус, односно бура поврзана со големи пожари.

„Станува збор за вид огнена бура која создава молњи уште пред да пристигне овој пирокумулонимбусен облак, а тие молњи можат да предизвикаат нови пожари. Со други зборови, ќе се создаде огромен број жарчиња што ќе се разнесуваат наоколу. Поради тоа се наредени дополнителни евакуации во близина на Бордо“, изјави Вермелен, додавајќи дека ваков феномен досега не бил забележан во Франција.

Според него, временските услови во текот на ноќта би требало да бидат поповолни за продолжување на гаснењето на пожарот во областа Жиронда, во близина на Лакано.

„Доколку временската прогноза се оствари, ноќните услови треба да им овозможат на пожарникарите поефикасно да интервенираат на терен“, рече Вермелен, нагласувајќи дека во гаснењето учествуваат голем број пожарникари, како и дополнителни сили испратени од француската влада.

Директорот на противпожарната служба потсети дека во изминатите денови двајца пожарникари ги загубиле животите за време на интервенциите, додека екипите на терен воделе тешка битка за одбрана на куќите, буквално објект по објект, во областа Лежа.

Префектот на Жиронда, Софи Брокас, изјави дека пожарот и натаму претставува „многу сериозна закана“ и ги повика граѓаните да не ја намалуваат претпазливоста.

Француската армија се вклучи во гаснењето на пожарите

Сите три рода на француските вооружени сили се ангажирани во помош на цивилните служби во справувањето со големите шумски пожари што зафатија делови од земјата, изјави француската министерка за одбрана Катрин Вотрен.

Таа соопшти дека за оваа операција се мобилизирани околу 1.500 војници, при што копнената војска, военото воздухопловство и морнарицата имаат различни задачи.

„Копнената војска ќе биде особено ангажирана во помошта на населението, обезбедувајќи автобуси и возачи за евакуација и транспорт на луѓето“, изјави Вотрен.

Според неа, военото воздухопловство веќе користи хеликоптери, беспилотни летала од типот „Reaper“, како и воен транспортен авион за превоз на опрема.

Француската морнарица досега учествувала во евакуацијата на околу 1.300 лица меѓу Кап Фере и Аркашон, додаде министерката.

Би можело да ве интересира

Пожарот се приближува до куќите кај Трново – минско поле го спречува гаснењето

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пожарникарите се борат да спречат пожарот да навлезе во боровите шуми на Јасен

A1on

До 18 часот 28 пожари на отворен простор, од кои 11 се активни

Ангелов: Мирисот на чад што го чувствуваат граѓаните на делови од Скопје е од пожарот во месноста Рамно

Горан Наумовски

Повторно се разгоре огнот во боровата шума над село Ногаевци, во Општина Градско

Ангелов: Активни се шест пожари на отворен простор, најкомплексен е пожарот кај Рамно во Општина Чучер Сандево