(ВИДЕО) Силно невреме ја погоди Германија: потврдено торнадо, загина жена, оштетени десетици куќи

Од:

Силно невреме вчера зафати повеќе делови од Германија, при што беше предизвикана голема материјална штета, а во градот Фирстенвалде, во покраината Бранденбург, е потврдено и торнадо, објави „РНД“.

„Настанот во Фирстенвалде несомнено беше торнадо“, потврди Германската метеоролошка служба (ДВД).

Силниот ветер соборил бројни дрвја, а на еден објект му бил откорнат покривот. Пожарникари и полицајци интервенирале до доцна во ноќта.

Најтрагично поминало во Валдорф, во Рајнска Област-Пфалц, каде што 58-годишна жена загинала откако врз засолништето во кое се наоѓала паднало дрво.

Жената и 47-годишна придружничка побарале засолниште под наткриен дел со клупи кога невремето искорнало дрво, кое паднало врз конструкцијата.

Постарата жена починала на местото на настанот, додека другата била тешко повредена и пренесена во болница.

Сериозна штета е регистрирана и во областа Вестервалд. Во Хер-Гренцхаузен биле урнати делови од ѕидови на најмалку две згради, а низ поширокото подрачје биле искорнати голем број дрвја.

Во Банбершајд, силниот ветер однел делови од фасадата на спортската сала „Аубахале“. Имало и големи прекини во снабдувањето со електрична енергија, а службите интервенирале на повеќе од 100 места.

На автопатот А61 силните налети на ветерот превртеле камион.

Невремето предизвикало штета и во Хесен. Во областа Лан-Дил биле оштетени околу 60 куќи. На дел од објектите биле откорнати ќерамиди, додека други останале без цели покриви. Некои делови од покривите биле однесени и до 100 метри од куќите.

Германската метеоролошка служба претходно предупреди на силни невремиња, особено во северниот дел на Рајнска Област-Пфалц. Предупредувањето подоцна било укинато.

Торнадата се релативно ретки во Германија, но во последните години се регистрираат сè почесто. Минатата година во земјата биле потврдени 46 торнада.

Би можело да ве интересира

Лидерката на АФД предупреди: Ќе престанеме да ја финансираме Украина и ќе бараме надомест, ќе го преиспитаме државјанството на Сиријците

Протест пред германската амбасада во Москва поради затворањето на Рускиот дом во Берлин

По триумфот на AfD, германскиот SPD бара повеќе дипломатија за Украина

Бесент: Обновата на Украина ќе биде огромен проект, сличен на повоената обнова на Германија

Вајдел по разговорот Путин – Трамп: „Со нас сè ќе се промени“

Горан Наумовски

Сикорски: „Вооружена Германија во рацете на крајната десница е ризик за Европа“