ВИДЕО: Силен земјотрес во Јапонија, десетици повредени

Од:

Земјотрес со магнитуда од 5,7 степени утрово го погоди централниот дел на Јапонија, при што се повредени повеќе од 20 лица, соопштија властите и локалните медиуми.

Земјотресот се случил во 1 часот по локално време, на длабочина од 40 километри, во западниот дел на префектурата Шизуока, околу 200 километри западно од Токио, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.

Локалниот весник „Чуничи Шимбун“ и телевизијата „Токаи ТВ“ објавија дека најмалку 24 лица се повредени во префектурите Шизуока и соседната Аичи. Претставник на службите за итни случаи во Аичи изјави за АФП дека 16 лица се здобиле со полесни повреди.

Во префектурата Шизуока се регистрирани три повредени лица, меѓу кои и 90-годишна жена која паднала од креветот.

Во неколку погодени градови е причинета материјална штета, меѓу која и искршени излози на продавници. Утрово имало и прекини во железничкиот сообраќај, вклучително и на брзата железничка мрежа „Шинкансен“.

Јапонија се наоѓа на спојот на четири големи тектонски плочи, поради што годишно се регистрираат околу 18 отсто од сите земјотреси во светот.

Иако повеќето земјотреси не предизвикуваат поголема штета, земјата сè уште ги памети катастрофалниот земјотрес со магнитуда од 9 степени и цунамито од 11 март 2011 година. Во катастрофата загинаа или исчезнаа околу 18.500 луѓе, а беше предизвикана и нуклеарната несреќа во електраната Фукушима.

Би можело да ве интересира

Кина до Јапонија: Не си играјте со оган

ВИДЕО: Сè се тресе, опремата паѓа, а хирурзите го спасуваат пациентот среде земјотрес во Јапонија

ВИДЕО: Расте бројот на жртви во земјотресот во Јапонија, продолжува потрагата по исчезнати

Неколку лица се повредени во земјотресот во Јапонија

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Земјотрес со јачина од 7,1 степени ја погоди јужна Јапонија

Москва: Распоредувањето на американски ракетни системи во Јапонија претставува закана за руските граници