Русија денеска лансираше интерконтинентална балистичка ракета (ICMB) од нејзиниот јужен регион Астрахан, соопшти украинската војска. Се појави и наводна снимка од ракетата, но не е независно потврдена како автентична.
Русија го употреби ова оружје со долг дострел првпат за време на војната, рече Киев.
Нападот дојде откако Украина оваа недела употреби американски и британски ракети за да нападне цели во Русија, за што Москва со месеци предупредуваше како потенцијална ескалација, објави Ројтерс.
BREAKING:
First video of a Russian intercontinental ballistic missile hitting Ukraine.
The non-nuclear giant missile struck the city of Dnipro. pic.twitter.com/f2TOHP0KHN
— Visegrád 24 (@visegrad24) November 21, 2024
Цел на нападот биле бизниси и критична инфраструктура во централно-источниот украински град Днипро, соопштија властите.
Не е познато што е конкретно погодено од интерконтиненталната балистичка ракета или дали има голема штета.
На социјалните мрежи се појавија видеа на кои наводно се гледа ударот на руската ракета ICMB. Автентичноста на видеото не е потврдена.
Руските ракети имаат дострел од неколку илјади километри и можат да носат нуклеарни боеви глави.
Украинскиот систем за воздушна одбрана собори шест крстосувачки ракети Кх-101 за време на нападот.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека ракетата била лансирана од областа Астрахан во Русија, но не прецизираа за каков тип на интерконтинентална балистичка ракета се работи.
Според британски „Гардијан“, ова е првпат во конфликтот да се споменува употреба на оружје со долг дострел што може да носи конвенционални или нуклеарни боеви глави.