Уништувањето на Челинџер 2 во близина на Работин, во областа Запорожје, е прв ваков инцидент во последните 30 години во кој овие тенкови се користени во борба, објави Гардијан повикувајќи се на воени експерти.
Снимката од бојното поле која синоќа кружеше на социјалните мрежи го покажува уништувањето на британскиот Челинџер 2.
На почетокот на клипот, снимен од автомобил вклучен во битката, се гледа Челинџер 2 со својата препознатлива цевка обвиткан во густ, сив чад по инцидентот на бојното поле.
Западни извори денеска соопштија дека тенкот прво удрил во руска мина во понеделникот, која го разнела задниот дел за гориво и го имобилизирала.
Екипажот потоа безбедно се евакуирал, но додека оклопното возило било во мирување, било погодено од дрон Лансет, пишува Гардијан.
Типичен екипаж на Челинџер 2 се состои од четири лица, а муницијата на тенкот се чува во посебни прегради, за разлика од руските еквиваленти, за да се спречи да експлодира доколку добие директен удар. Но, во овој случај бил погоден резервоарот за гориво, наведува британскиот весник.
Ниту еден Челинџер 2 не е изгубен во борба откако првпат беше распореден во 1994 година, пишува Гардијан.
Велика Британија ѝ обезбеди на Украина 14 тенкови на почетокот на оваа година, а не е познато дали се интензивно користени на линијата на фронтот во последниве недели.
Велика Британија има 213 преостанати тенкови Челинџер 2, откако донираше 14 на Украина, иако на пратениците во март им беше кажано дека 157 се достапни за операции, додава Гардијан.
Единствената друга земја која користи тенкови е Оман.
Министерството за одбрана на Велика Британија не демантираше дека на видеото се гледа Челинџер 2 и неофицијално прифатија дека е изгубен еден од британските тенкови, пишува Гардијан.