Видео на кое рускиот претседател Владимир Путин му врти грб на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу брзо стана вирално на социјалните мрежи и повторно ги поттикна шпекулациите за заладени односи во рускиот врв.
Во понеделникот Путин и Шојгу ја посетија московската болница Вишневски за да им доделат медали на војниците кои беа ранети во војната против Украина. Судејќи по однесувањето на Путин, се чини дека и тој е разочаран од настапот на руската армија во Украина и оставил впечаток дека повеќе не чувствува голема наклонетост кон министерот Шојгу.
Додека Шојгу се позиционираше на едната страна од ранетите војници, Путин „маршираше“ и му сврте грб на својот министер. Шојгу во еден момент тргна кон Путин да му каже нешто, но рускиот лидер го игнорира и останува да стои со грбот кон него.
You don't have to be a body language expert to understand what Putin currently thinks about his Defence Minister Sergei Shoigu… 😅 pic.twitter.com/ZRfJaJDE1X
— Jimmy Rushton (@JimmySecUK) June 12, 2023
„Не треба да сте експерт за говор на телото за да разберете што мисли Путин за неговиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во моментов“, напиша на Твитер аналитичарот за надворешна политика во Киев, Џими Раштон, заедно со видеото што е веќе прегледано повеќе од половина милион пати.
Инаку, за време на инвазијата неколку пати беше спомнато дека се нарушени односите во рускиот државен врв и дека Шојгу веќе не ја ужива довербата како порано кај рускиот лидер. Дури и Институтот за проучување на војната (ISW) постојано пишуваше дека Путин би можел да го искористи својот министер како „жртвено јагне“, односно да го направи виновен за неуспесите на Русија во Украина.
Кога Путин стана претседател во 2000 година, Шојгу беше еден од ретките луѓе во неговиот близок круг кој не потекнува од родниот град на претседателот Санкт Петербург, ниту служел во руските безбедносни служби, пишува Newsweek.
Шојгу е роден во мал град во близина на монголската граница. Неговата мајка била Украинка, а татко му Туван, односно припадник на етничка група во Сибир. Истакната личност во руската политика по распадот на СССР, Шојгу стана министер за вонредни ситуации во 1990-тите, функција што ја вршеше до 2012 година. Потоа беше назначен за министер за одбрана, иако и покрај бројот на медали што ги носи, нема воено искуство.