Обидот за отповикување на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, покренат поради обвинувањата дека водел војна против Иран без одобрение од Конгресот, беше запрен во Претставничкиот дом.
Мнозинството пратеници одлучи предлогот за импичмент да го испрати до надлежната комисија, со што иницијативата на републиканскиот конгресмен Томас Маси засега практично е завршена.
На својот прв брифинг за новинарите во Пентагон во последните шест месеци, Хегсет го нарече обидот за негово отповикување „фарса“ и „саботажа“.
Можностите министерот да биде сменет од почетокот беа мали, бидејќи за тоа ќе беше потребно голем број републиканци да му ја откажат поддршката на претседателот Доналд Трамп.
Маси беше единствениот републиканец кој гласаше против испраќањето на резолуцијата до Комисијата за правосудство, во која мнозинство имаат републиканците. Предлогот не помина со 211 гласа против и 204 за, додека повеќе од 12 конгресмени, меѓу кои 11 демократи, не гласаа.
Испраќањето на предлогот до комисијата практично значи крај на иницијативата, со оглед на тоа што останува малку време до јануари, кога демократите ја преземаат контролата врз Конгресот.
Претседателот Трамп го прослави исходот со објава на социјалната мрежа „Трут соушл“, во која напиша дека обидот за импичмент „бедно пропаднал“.
„Победите во Венецуела и Иран, најголемиот одзив за војската во историјата (долги листи на чекање!) и моралот каков што ретко се гледа доведоа до ОСЛОБОДУВАЊЕ на голем американски патриот“, напиша Трамп за Хегсет.
По гласањето, Маси изјави дека не е изненаден, но дека е разочаран.
„Мојата дијагноза за Конгресот е дека овие луѓе знаат што треба да направат. Само не можат да се натераат да го направат тоа, дури и кога политички би им било од корист“, рече тој.
Маси претходно призна дека неговиот обид можеби нема веднаш да успее, но сметаше дека може да го поттикне Трамп да го смени Хегсет пред демократите да покренат сопствена постапка.
Тој објасни дека евентуалната смена на министерот сега ќе му даде време на Сенатот да го потврди неговиот наследник додека републиканците сè уште имаат мнозинство.
Во обвинението од осум точки, официјално поднесено во понеделникот, Маси наведе дека Хегсет „го крши законот и мора да одговара“, бидејќи ја води војната во Иран повеќе од 90 дена без одобрение од Конгресот.
Тој го обвини и за надзор над „вонсудски убиства“ за време на американската операција против бродови за кои постоеле сомневања дека превезуваат дрога во Тихиот Океан и Карипското Море.
На прес-конференцијата, Хегсет возврати дека станува збор за политички трик на „незадоволен и поразен“ противник на администрацијата на Трамп.
Тој оцени дека резолуцијата на Маси ја загрозува националната безбедност, бидејќи им испраќа порака на американските непријатели дека САД ќе ги казнуваат сопствените војници и цивилното раководство за успешно спроведување законски воени операции.
„Тоа не е патриотизам. Тоа е саботажа“, порача Хегсет.
Тој додаде дека Маси е мотивиран од несогласувањата околу политиките, а не од „тешки кривични дела, прекршоци, предавство или поткуп“, односно дела што основачите на САД ги предвиделе како причини за импичмент.
Маси, кој претходно годинава ги загуби партиските предизбори од кандидат поддржан од Трамп, од почетокот го критикува претседателот и војната во Иран.
Тој претходно го предизвика гневот на Трамп и со барањето неговата администрација да ги објави документите за починатиот сексуален престапник Џефри Епстин.
Иако Хегсет засега политички се спаси, сè поголем број конгресмени, меѓу кои и некои републиканци, се прашуваат колку долго ќе остане во администрацијата.
Републиканскиот сенатор од Тексас, Тед Круз, изјави дека очекува Хегсет да поднесе оставка или Трамп да го смени.
Резолуциите за импичмент може да бидат пренесени во следниот состав на Конгресот, што значи дека демократите би можеле повторно да го отворат случајот откако во јануари ќе ја преземат контролата врз двата дома на Конгресот.
