На протестот против војната во Украина денеска во Берлин се собраа неколку пати поголем број лица од очекуваното, наведоа организаторите и полицијата.
На протестот, организиран заеднички од организации за човекови права, мировни движења, синдикати и цркви, имаше значително поголем број демонстранти од најавените 20.000. Полицијата споменува „ниска шестцифрена бројка“, додека организаторите говорат за над половина милион демонстранти.
Сите патишта што водат до местото на настанот, Обелискот на победата, недалеку од Бранденбуршката порта, се полни со демонстранти кои се уште пристигнуваат од сите страни.
Поради големиот број насобрани, полицијата во неколку наврати го прошируваше просторот наменет за собирање на демонстрантите.
Говорниците на протестот повикаа на прекин на воените активности и продолжување на преговорите, а руските власти да се повлечат од Украина.
Истовремено се бараше непречен прием на бегалците од Украина.
На вонредната седница на Бундестагот, денеска, германскиот канцелар Олаф Шолц најави одобрување за извоз на оружје за Украина, зголемување на воениот буџет на Германија и забрзување на процесот на намалување на зависноста од руските енергетски извори.
Извор: МИА