(ВИДЕО) Ќе има ли конечно крај на агонија во Газа: што бара Израел, а што Хамас, а што нуди договорот

Од:

Примирјето во Појасот Газа никогаш не било поблиску по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, со кој започна крвава војна во енклавата.

Повеќе од 57.000 Палестинци – од кои 17.000 деца – загинаа во Газа од почетокот на конфликтот, според Министерството за здравство на Газа.

Израел и Хамас долго време имаа спротивставени барања што преговарачите не можеа да ги премостат. Но, сега кога двете страни го прифатија ревидираниот предлог, се чини дека договорот е на дофат првпат по неколку месеци. Напорите во Газа добија нов импулс поради склучувањето на примирјето меѓу Иран и Израел по таканаречената 12-дневна војна, а исто така го одразуваат и притисокот од САД и промената во целите на Израел во војната.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е „оптимист“ за постигнување договор за прекин на огнот во Газа, кој би можел да се договори уште следната недела, откако палестинската милитантна група Хамас даде „позитивен одговор“ на предлогот за 60-дневно примирје со Израел.

– Мора да го завршиме. Мораме да направиме нешто во врска со Газа – рече Трамп.

Од примирјето меѓу Израел и Иран на 24 јуни, медијаторите Катар и Египет, како и САД, ги засилија напорите за нов договор за прекин на огнот во Газа. Портпарол на Министерството за надворешни работи на Катар изјави за CNN дека договорот меѓу Израел и Иран создал „моментум“ за најновите разговори меѓу Израел и Хамас.

Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со растечки меѓународни критики поради страдањето и уништувањето што војната им го предизвика на Палестинците во Газа, а притисокот расте и на домашен терен.

Анкетите покажуваат дека повеќето Израелци сакаат договор за враќање на заложниците на Хамас дома, дури и ако тоа значи крај на војната.

Но, минатиот викенд, Нетанјаху ја промени својата реторика и првпат даде приоритет на враќањето на затворениците, наспроти некогаш „врховна цел“ за поразување на Хамас. Тој рече дека „се отвориле многу можности“ по воените операции на Израел во Иран, вклучително и можноста за репатријација на сите оние што сè уште ги држи Хамас.

– Прво, да ги спасиме заложниците. Секако, мора да го решиме и прашањето со Газа, да го победиме Хамас, но верувам дека ќе ги постигнеме обете мисии – рече тој.

Израелската војска (ИДФ) оваа недела препорача да се избере дипломатски пат во Газа, по речиси две години борби и елиминација на голем дел од високото раководство на Хамас. Во вторник, израелски воен претставник изјави за Си-Ен-Ен дека Израел не ги постигнал целосно сите свои воени цели, но дека – како што силите на Хамас се намалени и се повлекле во криење – станало потешко ефикасно да се таргетира она што останало од милитантната група.

– Сега е потешко да се постигнат тактички цели – рече тој.

Групата во петокот изјави дека „дала позитивен одговор на медијаторите и дека движењето е целосно подготвено веднаш да влезе во нова рунда преговори во врска со механизмот за спроведување на оваа рамка“.

Хамас има три главни барања:

Траен прекин на непријателствата
Хуманитарната помош да се спроведе преку Обединетите нации и
Израел да се повлече на позициите што ги држеше на 2 март оваа година, пред да ја обнови офанзивата и да го окупира северниот дел од Газа

Висок функционер на Хамас изјави за Си-Ен-Ен кон крајот на мај дека групата е „подготвена да ги врати заложниците за еден ден“, но дека тие „само сакаат гаранција дека војната нема да се повтори после тоа“.

Заложниците се клучен влог на Хамас во преговорите, а групата одби да се согласи на нивно ослободување без пат кон крај на конфликтот. Како одговор на претходниот предлог за прекин на огнот во мај, поддржан од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Хамас побара гаранции од САД дека разговорите за траен прекин на огнот ќе продолжат и дека борбите нема да продолжат по 60-дневна пауза.

Иако деталите сè уште не се објавени, јасно е дека ревидираниот план е обид да се премостат некои од разликите меѓу Израел и Хамас.

Според информиран извор, временската рамка на најновиот предлог предвидува ослободување на 10 живи израелски заложници и 18 починати во период од 60 дена.

Првиот ден, Хамас ќе ослободи осум живи заложници, а Израел неодреден број палестински затвореници, и ќе ги повлече своите сили од претходно договорените локации во северна Газа.

Според договорот, заложниците ќе бидат ослободени без церемонија или фанфари на барање на Тел Авив – за разлика од последното примирје, кога Хамас организираше јавни настани, предизвикувајќи бес во Израел.

Хуманитарната помош веднаш ќе почне да пристигнува во Газа на почетокот на прекинот на огнот, вклучително и од ОН и други хуманитарни организации.

Тие веднаш ќе започнат преговори за трајно примирје.

Иако двете страни го прифатија предлогот, мора да се одржат понатамошни разговори пред да може да започне примирје. Во овие индиректни преговори, преговарачите се движат од едната на другата страна за да се договорат за последните детали од договорот. Израел ќе испрати делегација да учествува во преговорите во Доха, кои започнуваат во недела, што укажува дека разговорите би можеле да започнат наскоро.

Би можело да ве интересира

Израелските воздухопловни сили нападнаа 100 терористички цели низ Појасот Газа

ИДФ: Еден израелски војник е убиен, двајца се ранети во Кан Јунис

Барнеа: Израел му нанесе значителна штета на Иран за време на 12-дневната операција

Иран: Американските бомби сериозно го оштетија Фордо

Левин: Време е за анектирање на Западниот Брег

Горан Наумовски

Трамп: Израел се согласува со условите за прекин на огнот во Газа

Горан Наумовски