ВИДЕО: Иран има одговор на економскиот удар од САД

Од:

Иран порача дека има двегодишен план за справување со проширените американски санкции, откако Вашингтон започна нова кампања за економски притисок врз Техеран, која американскиот министер за финансии Скот Бесент ја нарече „економски Ден Д“.

Иранскиот министер за економија Али Маданизадех изјави дека земјата е „целосно подготвена за американските санкции“ и оцени дека и овој обид на Вашингтон ќе заврши без успех.

„Владата е подготвена и беше подготвена. Имаме двегодишен план за управување со овие настани. Имаме и сопствени алатки и знаеме како да ја играме оваа игра“, изјави Маданизадех за иранската државна телевизија.

Тој додаде дека Техеран „долго време ги очекувал овие планови“.

Бесент вчера ја претстави операцијата „Economic Outcast“, нова американска кампања со која Вашингтон сака дополнително да го изолира Иран од глобалниот финансиски систем.

„Нашата цел е да ја прекинеме секоја економска врска што го одржува овој режим, додека Техеран не остане сам“, порача Бесент.

Американското Министерство за финансии ја прошири можноста за воведување санкции на дигитални средства, технологија, злато, воздухопловство и поморски транспорт, а санкционираше речиси 60 компании, лица и бродови поврзани со Иран.

Вашингтон им се заканува и на државите, банките и компаниите кои ќе продолжат да соработуваат со Иран.

Бесент не наведе конкретен рок за прекин на таквите врски, но порача дека САД „немаат бесконечно трпение“ и дека брзо ќе дејствуваат против оние кои продолжуваат да му помагаат на Техеран.

Маданизадех изјави дека Кина и Русија не ги прифатиле новите американски мерки и очекува и други земји да им се спротивстават.

Кинеското Министерство за надворешни работи порача дека санкциите и притисокот не помагаат во решавањето на проблемите и дека Пекинг ќе ги преземе потребните мерки за да ги заштити своите интереси.

Ова е особено важно за Иран бидејќи најголемиот дел од неговата нафта завршува во Кина, која и претходно не ги признаваше едностраните американски санкции.

Во меѓувреме, Иран повторно ги предупреди бродовите да не минуваат низ Ормускиот Теснец без негова дозвола.

Техеран исто така се закани дека, доколку војната продолжи, би можел целосно да го запре извозот на нафта од регионот.

Во нормални услови, низ Ормускиот Теснец минува околу една петтина од светската трговија со нафта и гас. Поради тоа, нарушувањата предизвикани од почетокот на конфликтот значително ги зголемија цените на енергентите.

Цената на Брент вчера беше околу 92 долари за барел.

Дејвид Оксли од „Capital Economics“ смета дека новите санкции можеби нема значително да ги намалат приходите на Иран од нафта, бидејќи трговијата и досега беше силно ограничена, а околу 90 отсто од иранскиот извоз на нафта оди во Кина.

Американската администрација, сепак, тврди дека овојпат не сака само да ги ограничи одделни трговски канали, туку да ја прекине целата мрежа на банки, посредници, превозници и компании кои му овозможуваат на Иран да ги заобиколува постојните санкции.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Трамп најавува голема одлука за Иран, Американците мислат дека нема план за војната

ВИДЕО: Од мала планинска милиција до моќна воена сила – подемот на Хутите

Катерина Ѓуровски

Америка извршила воено злосторство со нападот врз училиште во Иран, тврди ОН

ВИДЕО: Трамп жестоко и се закани на Европа поради Канада

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Рекордни цени на дизелот во САД, Трамп го обвини Зеленски

ВИДЕО: Саудиска Арабија ја прекинува испораката на нафта за Европа

Катерина Ѓуровски