ВИДЕО: Има слика, нема тон – војната со медиумите му се удри од глава на Трамп

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот свечено ја отвори новата платформа за хеликоптери во комплексот на Белата куќа, но неговиот говор никој не го слушна бидејќи немаше поставено микрофони. На настанот немаше ниту независни телевизиски камери.

Отсуството на новинарите и снимките е последица на ескалацијата на спорот меѓу администрацијата на Трамп и медиумите кои ги следат активностите на Белата куќа.

Спорот започна во петокот, кога Трамп објави дека на три големи медиуми им се забранува пристап до Белата куќа и дека се исклучуваат од новинарскиот „пул“.

Мерката се однесува на телевизиите CNN и MS Now и порталот Politico. Трамп на својата социјална мрежа Truth Social напиша дека забраната стапува во сила веднаш поради нивното, како што го нарече, „континуирано известување за лажни вести“, а најави и дека списокот на медиуми со ограничен пристап може да биде проширен.

Новинарите од овие медиуми веќе следниот ден не можеле да влезат во комплексот на Белата куќа.

Новинарскиот „пул“ е систем во кој група медиуми заеднички ги следат настаните и меѓусебно ги споделуваат текстовите, фотографиите и видеоснимките.

Кога пристапот до одреден настан или локација е ограничен, „пулот“ обезбедува материјали за останатите медиуми. Телевизискиот „пул“ што ја следи Белата куќа го сочинуваат пет национални мрежи – ABC News, CBS News, NBC News, CNN и Fox News – кои се менуваат во следењето на претседателот и ги споделуваат снимките.

Одлуката на Трамп предизвика реакција кај преостанатите членови на „пулот“. Тие објавија дека во знак на солидарност го прекинуваат заедничкото следење на претседателот.

„Од денес се прекинува заедничкото следење на настаните на претседателот“, стоело во известувањето што „пулот“ го испратил до претплатниците.

Во понеделникот CNN требало да го следи патувањето на Трамп во Њујорк, каде што тој присуствуваше на Генералното собрание на ОН. Поради забраната, телевизијата не можела да ја изврши задачата, а останатите членови на „пулот“ одлучиле да не испратат замена.

Поради тоа, имало малку независни телевизиски снимки од активностите на Трамп, вклучително и од отворањето на платформата за хеликоптери.

Трамп ги отфрли обвинувањата дека ја ограничува слободата на медиумите.

„Ова е напад врз лажните вести, кои како рак се проширија низ нашите сакани Соединети Американски Држави“, напиша тој на Truth Social.

Подоцна во Њујорк, по средбата со градоначалникот Зохран Мамдани, Трамп ја намали важноста на медиумскиот бојкот.

„Интересно е, велат дека ќе ме бојкотираат. Но тие никогаш не ме бојкотираат“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека смета оти медиумите имаат обврска да известуваат „чесно“.

Правната валидност на забраната ќе ја разгледуваат судовите. CNN, MS Now и Politico поднесоа тужба против администрацијата, тврдејќи дека со мерката се прекршува Првиот амандман на американскиот Устав, кој ја гарантира слободата на говорот и печатот.

Администрацијата, од друга страна, тврди дека Првиот амандман го штити правото на објавување информации, но не гарантира право на пристап до Белата куќа или учество во новинарскиот „пул“.

Минатата година администрацијата на Трамп ја промени и долгогодишната практика за избор на медиумите што го сочинуваат „пулот“. Таа одговорност беше одземена од независната Асоцијација на дописници на Белата куќа, а изборот на медиумите сега го прави самата Белата куќа.

Би можело да ве интересира

Водечките ТВ мрежи, меѓу кои и Fox News, престанаа да го следат Трамп во знак на поддршка за CNN

ВИДЕО: Иран им се закани на САД

Медведев одговори на новите санкции од Трамп

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Што значи договорот на САД и Данска за Гренланд

ВИДЕО: Трамп го потпиша законот за новите санкции за Русија

ВИДЕО: Трамп ги избрка CNN и Politico од Белата куќа

Катерина Ѓуровски