(ВИДЕО) Илјадници луѓе протестираа во Израел: Вратите ги заложниците, ароганцијата донесе катастрофа

Од:

Илјадници луѓе протестираа вчера во Тел Авив и други израелски градови, повикувајќи ја владата да обезбеди ослободување на заложниците што сè уште се држат во Појасот Газа.

„Можноста за враќање на сите 50 заложници – живи и мртви – сега е отворена и нема да трае долго“, изјави говорникот Ели Шараби на централниот митинг во Тел Авив, според израелскиот весник Хаарец. Шараби беше киднапиран за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и беше држен како заложник 16 месеци во Газа.

По неговото ослободување на почетокот на февруари, тој дозна дека неговата сопруга и двете мали ќерки се убиени во нападот. Телото на братот на Шараби, Јоси, сè уште е во Газа. Обраќајќи се до израелската влада, Шараби рече: „Вие бевте избрани да му служите на овој народ. Со понизност, со скромност. Ароганцијата ни донесе катастрофа – и не смееме да се вратиме на тој модел на однесување.“

Според официјалните израелски бројки, 50 лица киднапирани од Израел сè уште се држат во Појасот Газа, од кои се верува дека најмалку 20 се живи.

Израел и Хамас моментално водат индиректни преговори во главниот град на Катар, Доха, за 60-дневен прекин на огнот, што би довело и до ослободување на 10 живи заложници и посмртните останки на неколку други.

Преговорите се во застој, а завојуваните страни се обвинуваат меѓусебно за недостатокот на напредок. Демонстрантите ја обвинуваат владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за застој на процесот. Критичарите на Нетанјаху велат дека тој се обидува да го обезбеди сопствениот политички опстанок со одложување на чекорите за завршување на војната.

Би можело да ве интересира

Официјална потврда: Спречен е „нов 11 септември“

Пилоти се истепале во авион за Тел Авив: Израелците мислеле дека е киднапирање, кренале ловци

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Трамп тврди дека спречил Иран да го „збрише“ Израел

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Газа е огромна масовна гробница: Под 60 милиони тони урнатини, сè уште лежат 10.000 палестински тела

ВИДЕО: Оскаровката Сузан Сарандон приведена во Њу Јорк на протест против Нетанјаху

Синот на израелскиот амбасадор во САД тешко повреден на Западниот Брег: „Му треба чудо“