Во анализата објавена утрово, СКАЈ ЊУС пишува дека дополнителните царини на Доналд Трамп би можеле да ја уништат трговијата меѓу САД и Кина, а потенцијалниот одговор на Пекинг би можел да вклучи мерки кои навлегуваат во културата и безбедноста. Тие потенцијално вклучуваат забрана на американски филмови и прекинување на соработката во борбата против шверцот со фентанил.
Минатата недела американскиот претседател најави царини од 34 отсто за кинеските производи (кумулативно 54 отсто поради веќе важечките 20 отсто), а за време на викендот најави можно зголемување за уште 50 отсто, со што вкупното тарифно оптоварување на кинескиот увоз може да достигне неверојатни 104 отсто.
Скај наведува дека ова е ниво што ја прави секоја трговија речиси невозможна.
Додека голем број други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Јапонија и Израел, веќе сигнализираа подготвеност за преговори, Кина досега одбиваше да влезе во играта на притисок, според Скај.
Кина во моментов е единствената голема земја која одлучи да му се спротивстави на Трамп. Пресметката е јасна – подобро е да ја платиме цената на отпорот отколку да изгледаме како некој да не принудил да попуштиме, се вели во анализата.
Скај анализира низа можни одговори:
Понатамошни контроли на извозот на ретки метали, кои се клучни за производство на технологија (од чипови до оружје). Иако Кина го контролира најголемиот дел од светските залихи, САД веројатно ќе најдат алтернативни добавувачи во одреден момент.
Зголемување на царините за американските стоки, особено земјоделските производи како соја и говедско месо. Но, како што истакнува Скај, просторот за ескалација е ограничен, бидејќи одговорите на Кина се веќе делумно исцрпени.
Удар за големите американски компании како Apple и Tesla. Меѓутоа, во време кога Кина се обидува да се позиционира како глобално привлечна за инвестиции, таквиот потег може да има негативен сигнален ефект.
Опција е и девалвацијата на јуанот, но Скај предупредува дека тоа ќе предизвика одлив на капитал и потенцијално ќе ја загрози домашната финансиска стабилност.
Најконтроверзните опции се од политичка природа и би можеле да ја претворат трговската војна во поширока конфронтација:
Прекин на соработката со САД во борбата против шверцот на фентанил, опиоид кој е клучна тема на политиката на Трамп. Ваквиот потег би бил еден вид црвена линија за Трамп и би можел да го разбесни.
Неофицијални кинески канали јавуваат дека се размислува за забрана за прикажување американски филмови во Кина, што би му задало удар на Холивуд.
Можна е и покана до кинеските граѓани да ги бојкотираат американските производи, кои би имале и симболична и пазарна тежина.
Скај ја завршува својата анализа со предупредување дека доколку се оствари ова сценарио, светот би можел да гледа не само на целосно економско одвојување на САД и Кина, туку и на културен раскол.
Тоа би поставило преседан – не само за трговијата, туку и за начинот на кој функционираат глобалните односи воопшто, се заклучува во анализата.