ВИДЕО: Хаос во Тексас, илјадници мигранти се апсат секој ден, стотици спијат на студ

Од:

Градоначалникот на градот Ел Пасо во Тексас прогласи вонредна состојба поради зголемениот број мигранти кои пристигнуваат во градот, од кои илјадници се апсат секој ден, а стотици од нив спијат на улиците на студ.

Градоначалникот Оскар Лисер, демократ, рече дека прогласувањето вонредна состојба ќе им даде на градските власти ресурси и овластување да се грижат за мигрантите кои ја преминуваат границата со Мексико.

„Сакаме да се погрижиме овие луѓе да бидат третирани со достоинство. Сакаме сите да бидат безбедни“, им рече Лисер на новинарите.

Во текот на изминатите месеци, илјадници мигранти пристигнаа во Ел Пасо, град со долга историја на прифаќање имигранти, преку границата со Мексико. Градот се подготвува за можно зголемување на нивниот број, по одлуката на американскиот суд да ги укине ограничувањата на границите воведени поради Ковид од 21 декември.

За време на мандатот на претседателот Џо Бајден, демократ кој ја презеде функцијата во јануари 2021 година, рекорден број мигранти беа фатени додека ја минуваат границата меѓу САД и Мексико, што предизвика напади од републиканците кои се залагаат за построги политики.

Во текот на изминатата недела, американските гранични служби фаќале во просек повеќе од 2.400 мигранти дневно во сектор долг 430 километри, или 40 отсто повеќе отколку во октомври, покажуваат податоците објавени од градот Ел Пасо.

Иако мигрантите се превезуваат од Ел Пасо во други американски градови, нема повеќе места во локалните засолништа, па многу од нив спијат на улица на температури под нулата.

Заменик-градоначалникот Марио Д’Агостино рече дека прогласувањето на вонредна состојба ќе му обезбеди на градот дополнителни опции за транспорт на мигранти на други локации и дополнителна полициска помош „во заштитата на мигрантите и заедницата воопшто“. Градот на 14 декември објави дека очекува 6 милиони долари од агенцијата за управување со вонредни состојби за храна, сместување и превоз до други градови.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија