Потпретседателот на Венецуела Николас Мадуро денеска изјави дека ракот, од кој боледува шефот на државата Уго Чавес, е уште еден „напад“ на непријателите на државата во низата заговори против претседателот за време на неговото 14-годишно управување.
Во обраќањето до нацијата на државната телевизија, Мадуро истакна дека комисија од експерти ќе ја истражува ваквата можност.
Мадуро, кој е определен за наследник на Чавес, нагласи и дека военото аташе на САД е протеран од Венецуела поради обид за поттикнување воен удар против претседателот.
– Венецуела подготвува специјални контрамерки, со цел да им се спротивстави на зачестените конспиративни дејствија против Владата, во момент кога Чавес се бори со болеста на Куба, додаде Мадуро.
Венецуелската Влада синоќа соопшти дека состојбата на Чавес е „многу деликатна“, откако тој развил голема респираторна инфекција.