Владата на Велика Британија одлучи поворно да ја отвори амбасадата во иранскиот главен град, Техеран, соопштено е денеска во Лондон.
Министерот за надворешни работи Филип Хамонд овој викенд ќе патува во Иран, заедно со поголема група британски бизнисмени, со што формално ќе биде означено отворањето на дипломатската мисија, која беше затворена пред четири години.
Британија го повлече својот дипломатски персонал и ја затвори амбасадата, во 2011 година, по инцидентот во Техеран, кога поголема толпа демонстранти навлегоа преку оградата на дипломатската мисија во дворот, а некои и во просториите на амбасадата.
Од иранска страна, инцидентот беше објаснет со револтот на Иранците поради санкциите што Велика Британија дополнително му ги наметна на Иран.
Повторното отворање на амбасадата и посетата на шефот на Форин Офисот на Техеран, доаѓа само неколку недели по потпишувањето на спогодбата на Иран и на меѓународната шесторка, за иранската нуклеарна програма.