Британскиот премиер Тереза Меј му порача на Брисел дека наместо Велика Британија да и исплати долгови на ЕУ, би можело да се случи Лондон да бара пари назад од Унијата.
Во текот на предизборен митинг, Меј изјави дека сака од ЕУ да и бидат вратени околу десет милијарди фунти, или приближно 12 милијарди евра.
Изјавата за побарувањето, наместо за долговите, доаѓа по бројните „лицитирања“ во европските и посебно во британските медиуми околу тоа колкава ќе биде на крајот сметката од „разводот“ на Лондон и Брисел.
Првично, ЕУ зборуваше за износ од околу 50-60 милијарди евра, во кој главнината треба да ја сочинуваат средставата за пензиите за Британците кои во текот на изминатите 44 години, британско членство, поминале работејќи на разни позиции во форумите и телата на Унијата.
Минатиот месец, по првпат беше споменато дека таа бројка може да се искачи и до 100 милијарди фунти, доколку во „разводната“ постапка се внесат и бројните вложувања во Британија, особено откако се разбра дека со средстава од фондовите за побрз развој, биле финансирани и проекти во Гибралтар, но и на Фокландските острови, десетици илјади километри далеку од Британија и од ЕУ.
Министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис прво изјави дека Британија нема да плати таква цена за своето напуштање од ЕУ, а потоа се закани со напуштање на преговорите за Брегзит.
Тереза Меј откако беше именувана за премиер, зборува за „фер договор и за фер исплата“ прифакајќи дека Британија ќе мора да и врати на Унијата за се она што користела и се уште користи од фондовите на ЕУ.
Ова е првпат таа да се закани со контра-побарување, уште и во износ од десет милијарди фунти.
Меј, која е и лидер на Конзервативната партија, ја заострува својата реторика кон Брисел и ЕУ, како се приближуваат изборите на 8 јуни.
Таа во една прилика истакна дека Британија ќе остане силен партнер и сојузник на ЕУ и по излегувањето од Унијата, а потоа, другпат, се заканува со „тврд“ Брегзит и со прекин на преговорите.
Во досега единствената ТВ дебата со лидерот на лабуристите Џереми Корбин, Меј одново порачува дека може да има Брегзит и без договор со Брисел, порачувајќи дека подобро е да нема договор, отколку тој да биде лош (за Британија).
Од Брисел од порано изјавуваат дека Брегзит без договор е „најлошата варијанта“ за Лондон. Инсистирањето за „тврд“ Брегзит може да испровоцира радикални решенија во Шкотска и во Северна Ирска, а против излегување од ЕУ без договор, категорично е крупниот бизнис и финансискиот сектор.
Тереза Меј, која својата предизборна кампања ја насочи главно кон Брегзит, уверувајќи ги Британците дека нема ништо да им недостасува потоа, реториката кон ЕУ ја засили откакако таа и нејзините конзервативци ја загубија досегашната голема предност што ја имаа пред лабуристите, односно нивниот рејтинг се намали од претходните 22 на само пет отсто доверба.