Велика Британија и ЕУ уште се надеваат дека до средината на октомври ќе постигнат договор за непречена транзиција по Брегзит во март идната година. Тоа го изјави денеска британскиот главен преговарач Доминик Раб.
Тој тоа го кажа во Брисел, каде се сретна со неговиот колега од ЕУ Мишел Барние. И двајцата соопштија за постигнат напредок за некои од темите, вклучително за размена на информации меѓу правосудните органи, но секој од нив призна дека најголемите проблеми остануваат нерешени.
Ако до средината на октомври биде постигнат договор, тоа ќе се совпадне со следната средба на врвот на ЕУ на 18 октомври.
Раб, сепак, одби да ги прогнозира шансите за таков успех
Барние беше повнимателен, велејќи дека двете страни треба да постигнат договор до ноември, за да може тој да влезе во сила до 29 март идната година, кога е предвидено Велика Британија да ја напушти ЕУ. Тоа може да бара вонреден самит на високо ниво.