Велбек: Визија на муслиманска Франција

Од:

РТС – Белград

Пишувајќи ја фиктивната приказна „Потчинување“ за исламизацијата на Франција, авторот Мишел Велбек по својот проверен обичај сакаше да провоцира.

По нападот врз редакцијата на парискиот сатиричен весник „Шарли Ебдо“, провокацијата стана крвава реалност, а романот на Велбек моментално е најпродаваната книга преку Амазон. Коментарите на медиумите се единствени: Масакрот во Париз и последниот роман на Уелбек влегуваат во историјата на ист ден.

Официјалната промоција на францускиот оригинал беше закажана за минатата среда, германскиот превод требаше да се појави само по неколку дена.

Сите германски и француски телевизии првите јануарски денови почнаа со интервјуа на Велбек, додека весниците како на подвижна лента ја анализираа реалноста на фикциите на Велбек. Претпоследниот број на весникот „Шарли Ебдо“, објави карикатура на Велбек на насловната страна, додека авторот изговара: „2015 ќе ги изгубам забите, 2022 ќе го славам Рамазан“.

Накусо, пропагандниот потег се чинеше совршен, а книгата беше на најдобар пат да се распродаде и пред да се појави во книжарите.

А потоа, атентаторите минатата среда, поточно на денот на планираната промоција, ја егзекутираа редакцијата на весникот „Шарли Ебдо“ и книгата на Велбек од провокативна, стана застрашувачки актуелна. Треба ли да се каже дека сега се продава уште подобро?

Бидејќи романот „Потчинување“ на Велбек е морбидно адекватен, дел од јавноста го слави авторот како жртва на текот на настаните, други го осудуваат како еден вид идеен соучесник на атентаторите.

– Пукањето во редакцијата на весникот „Шарли Ебдо“ е насочено и кон Велбек, пишува „Франкфуртер алемајне цајтунг“ со симпатии за авторот. Францускиот премиер Мануел Валс спаѓа во другата група: – Франција, тоа не е Уелбек!, гневно изјави непосредно по нападот.

Како Франција конвертираше

Дистопијата на Велбек е роман напишан во прво лице. Раскажувачот е фиктивен карактер Франсоа, професор на Факултет, кој го опишува француското општество на почетокот на идната деценија.

Мизантропот и женкар Франсоа во нарацијата ги испреплетува своите и општите проблеми: економијата назадува, културата се урива, општеството фрагментира, la grand nation стои на прагот на граѓанска војна.

Претседателот Оланд штотуку го завршува својот втор мандат и повеќе не може да се кандидира. Затоа социјалистите во изборната трка во 2022 го праќаат Мануел Валс, но тој испаѓа уште во првиот круг. Во вториот круг за функцијата претседател на државата се борат Марин Ле Пен од Националниот фронт и Мухамед бен Абес од Муслиманското братство.

Со помош на граѓанските партии и социјалисти, блокирани со својот темелен антирасизам, кои се подготвени на се за да го спречат идниот подем на Марин Ле Пен, Бен Абес излегува како победник во вториот изборен круг.

Абес и неговата партија по изборите се однесуваат многу фер и им даваат на социјалистите повеќе од половина министерски места во владиниот Кабинет. Програмската усогласеност меѓу коалиционите партнери е инаку голема: Во економијата и даночната политика, па и по прашањата за безбедноста речиси и да нема разлики.

Муслиманското братство Велбек го опишува како стабилна, мирољубива, средена партија, искрено загрижена за судбината на земјата, додека рационално бара решенија за нејзините проблеми. Самиот Бен Абес е политички и религозно умерен, образуван, традиционален, помалку егзотичен за европски прилики.

За секој случај, Евреите по рефлекс се одлучуваат да емигрираат од Франција. На католиците им е добро и никој не ги допира. И Бен Абес со религијата како да нема никакви проблеми – негови лични непријатели се секуларизмот и либерализмот, а не христијанската вера сама по себе.

Постапно, но незадржливо, Франција под Бен Абес станува исламска. Не се работи за терор или присилни премини на ислам, туку за опортунизам, подобри понуди за работа, поголеми плати, мотиви на општествениот конформизам и слично. Невработеноста е практично искоренета, главно поради тоа што жените се отстранети од пазарот на трудот – повторно, не со директна сила, туку со комбинација на законите и високите државни субвенции за домаќинките и мајките. Дека жените во јавноста се покажуваат само покриени, тоа се разбира само по себе.

И нараторот Франсоа исто така ја прифаќа муслиманската вера. Од една страна тоа му обезбедува подобар статус на факултет, од друга му овозможува да ги смири својот промискуитет со општествените конвенции, но пред се затоа што исламот му ја враќа смислата која одамна ја изгубил.

И така во литерарната фикција на Велбек, Французите тивко, опортунистичи и во еден изборен мандат станале тоа што Србите не сакале да станат во 350 години под Османлиите, да станат муслимани.

Салафисти од париските салони

Велбек не пишува за исламистички терор, екстремистички ќелии на Ал Каеда, за спијачите на Исламската држава во европските општества и слично. Во книгата „Потчинување“ нема сила. Кога би ја имало, тогаш тоа во најдобар случај би бил материјал за еден катастрофичен филм од холивудски тип со многу специјални ефекти.

Напротив, Велбек во својот роман сервира други провокации. Првата е во тоа што постојано меша вистински и фиктивни личности: Мануел Валс на пример веќе важи за социјалист кој би ги изгубил изборите во 2022 година.

Другата е во настапот на неговите салафисти: тие кај Велбек се фини, пристојни и мирољубиви луѓе кои склучуваат коалиции, влегуваат во политички игри, водат рационална политика чија цел е богато, стабилно општество на широки интегрални основи, нова верзија на Римското царство, овој пат под исламската полумесечина.

Третата е во привидната леснотија со која Франција станува исламска. Европските култури назадуваат, се губат во бесмисленоста и фрагментираниот индивидуализам, смета Франсоа како алтер его на Франција. Исламот се појавува како единствена религија која ја храни душата.

Последната провокација е за наведувањето на Кафка во последната секвенца од неговиот роман „Процес“. Изморен од процесот, во напади на фатализам и олеснување, главниот лик К. сам им помага на извршителите на смртната пресуда да го свртат ножот во неговиот стомак. Слично на тоа, Велбек во својот роман ја опишува европската култура како самата ја наведнува главата под гилотина.

Џелати не се потребни, доброволно се качуваме на гилотината, гласи пораката на романот на Велбек.

Како што сега стојат работите, Велбек се повлече од промотивната кампања за книгата „Потчинување“ и според пишувањето на француските медиуми, исчезнал од Париз.

Тој и инаку често исчезнувал од Париз, се преселувал во Шпанија или Ирска, секогаш кога влегувал во пресметки со медиумите и литературната јавност, што е и разбирливо со оглед на тоа дека една од задачите во литературата му е провокацијата, но Уелбек провоцирал и како личност: и тој и неговите ликови се обвинувани за расизам, омраза кон жените, за патолошката сексуална форма, непријателството кон религиите, посебно кон исламот.

Во едно интервју во 2001 година, изјавил дека исламот е најглупавата религија на светот, но во интервјуата пред атентатот застанал на спротивната позиција, изјавувајќи дека по читањето на Куранот сфатил дека би можел да го разбере исламот.

Сега по нападите на редакцијата на весникот „Шарли Ебдо“, не само што е убиен негов близок пријател, туку Велбек се најде во насилна прегратка на низа коинциденции со исламистичките атентати изминатите денови.

Уметноста провоцира, а реалноста уште повеќе.

Би можело да ве интересира

Франција и Британија и дозволија на Украина да употреби ракети со долг дострел за да ја таргетира Русија

(ВИДЕО) Заврши заложничката криза во Париз: Заложниците ослободени, киднаперот уапсен

Горан Наумовски

Заложничка криза во близина на Париз, маж заробил луѓе во ресторан: Голем број полицајци на улица

Мајка убила три деца затоа што сакала да му се одмазди на својот партнер

Трагедија во Франција: Мајка е осомничена дека избоде три деца до смрт

После изборот на Трамп: Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро се надева на мир на Блискиот Исток