Ватикан денеска ги отфрли тврдењата дека папата Франциско извршил егзорцизам, објавени на италијанската телевизија „ТВ 2000“ која емитува програма со религиозна тематика.
Во соопштението се наведува дека папата немал намера да изврши егзорцизам, туку едноставно сакал да се помоли за „лице со болки“, односно за момче во количка што е прикажано на видео снимка како папата го благословува.
Сепак ТВ станицата, повикувајќи се на „истерувачи на демони“, објави дека не постои сомнеж оти папата „или читал молитва за истерување на лошите духови или вршел егзорцизам“.
На објавената видео снимка е прикажан папата како на кратко ги положува двете раце на главата на момчето за време на верскиот празник Духови.
Егзорцизам е древен ритуал за истерување на лошите духови од некои луѓе или места и постои во неколку религии, вклучително и римокатоличката.