Ирска е отворена за разговори за спас на Договорот за Брегзит, но не и за нови преговори, кои би можеле да доведат до измени во веќе договорените одредби, изјави денеска во Белфаст ирскиот премиер Лео Варадкар.
– Сите сакаме да избегнеме Брегзит без договор. Сите сакаме да избегнеме цврста граница (меѓу Ирска и Северна Ирска). И сите сакаме да ги одржиме блиските политички и економски односи со Велика Британија, без разлика на се, нагласи Вардакар по средбата со северноирските официјални претставници во Белфаст.
Посетата на Варадкар на Северна Ирска беше огранизрана во пресрет на неговата вечерашна средба со британската премиерка Тереза Меј во Даблин.
Британската премиерка ќе допатува во Даблин по нејзината вчерашна посета на Брисел, каде имаше средби со првите луѓе на институциите на Европската Унија.
Меј престојуваше во Брисел во обид да издејствува промени во Договорот за Брегзит во делот што се однесува на границата меѓу Република Ирска и британската покраина Северна Ирска. Со сегашните одредби од Договорот предвидено е „ирската граница“ да остане отворена како што е и сега и за време на преодниот период по Брегзит, предвиден за 29 март.
Противниците на ваквото решение во Лондон, пред се од редовите на Конзервативната партија на премиерката Меј, сметаат дека таа одредба би можела Велика Британија „да ја задржи предолго врзана за ЕУ, па дури и бесконечно“.
Лидерите на ЕУ на вчерашните средби со Меј ги повторија претходно изнесените ставови дека не прифаќаат нови преговори за Договорот за Брегзит, нагласувајќи дека договорената одредба за „ирската граница“ е „единственото можно решение“ и „балансиран компромис, што претставува добро решение за граѓаните и бизнисите на двете страни“.