Градоначалничката на Аркадија, Калифорнија, Ајлин Ванг, е обвинета во федерален суд за дејствување како незаконски агент на Народна Република Кина во Соединетите Американски Држави, објави Министерството за правда на САД. Ванг се согласи да се изјасни за виновнa за кривично дело кое носи максимална казна од десет години затвор.
Според договорот за признавање на вина, Ванг, заедно со Јаонинг „Мајк“ Сун, работеле по налог и под контрола на кинески функционери од крајот на 2020 до 2022 година за да ги промовираат интересите на Пекинг во Соединетите Американски Држави.
Американските истражители тврдат дека Ванг и Сун ја воделе веб-страницата „U.S. News Center“, која се претставувала како информативен портал за кинеско-американската заедница, но наводно била користена за објавување содржина во корист на кинеските власти.
Министерството за правда вели дека страницата објавила содржина добиена од кинески функционери, вклучително и содржина што ги негира обвинувањата на Пекинг во врска со Синџијанг. Во еден од случаите, Ванг, според обвинителите, ја објавила содржината на страницата откако добила инструкции преку апликацијата WeChat, а потоа испратила линк до кинески функционер.
Сан, која била поврзана со нејзината изборна кампања, веќе отслужува четиригодишна затворска казна откако се изјаснила за виновна за дејствување како незаконски агент на странска влада. Американските власти исто така велат дека Ванг комуницирала со Џон Чен, кого обвинителите го опишуваат како висок член на кинескиот разузнавачки апарат и кој претходно бил осуден на 20 месеци затвор.
Ванг беше избрана во Градскиот совет на Аркадија во ноември 2022 година, а градоначалничката функција во тој град се избира на ротација од редот на членовите на советот. Таа поднесе оставка откако случајот беше објавен, додека градските власти рекоа дека истрагата се однесува на нејзиното лично однесување и дека, како што рекоа, градските средства и вработените не биле вклучени.
Министерството за правда на САД соопшти дека случајот е дел од поширока акција против тајното странско влијание во американските институции. ФБИ ја води истрагата, а се очекува Ванг формално да се изјасни за виновна во наредните недели.
