Претседателот на Националната независна мисија за проценка на управувањето со кризата Ковид-19 во Франција, професор Дидие Пите денеска изрази оптимизам истакнувајќи оти „во голема мера можеме да се надеваме на подобрување на состојбата“.
– Ако ги почитуваме санитарните упатства, имаме капацитет да ја совладаме ситуацијата, со мутациите или без нив, истакна проф. Пите во интервју за Франс Интер.
Тој истакна дека малите деца што носат маски не придонесува многу во борбата против Ковид-19, бидејќи тие малку го пренесуваат вирусот на возрасните.
Францускиот епидемиолог наведе дека отсега натамунема да можеме да зборуваме за стратегија за „нула ковид“.
– Повеќе не можеме да зборуваме за нула ковид, бидејќи вирусот е ендемичен. Секој ќе биде во контакт со овој вирус. Вирусот секогаш ќе биде присутен во светот. Мора да живеете со вирусот, посочи проф. Пите.
Тој се осврна и на стратегиите на Виетнам и на Тајван, земји кои најдобро се справија со пандемијата.
– Тајван има исклучителен систем за превенција и контрола на болести. Овие се земји кои се соочија со САРС во 2003 година. Тие имаат култура на одговор на епидемии. Тие имаат системи што не би ги прифатиле во нашата земја, посочи проф. Пите.
Тој истакна дека состојбата во Франција е подобрена.
-Здравствениот систем реагираше величествено и економската поддршка е прилично примерна. Работите многу се променија, комуникацијата се подобри и прифаќањето на мерките е подобро отколку што беше првично, наведе проф. Пите.
Тој предвидува и дека Ковид-19 уште долго ќе биде присутен.
– На есен сигурно ќе има други мутации и ќе мора да поминеме уште една есен која нема да биде нормална. Во летото 2022 година ќе можеме да направиме преглед и тогаш сè ќе биде многу полесно, посочи проф. Пите.
Тој е пронаоѓач на хидроалкохолниот гел, чија формула ја отстапи на Светска здравствена организација, и ги повикува производителите на вакцини да го сторат истото.
-Вакцината треба да биде општо добро… акционерите ќе мора да се согласат да имаат помалку дивиденди, потенцира проф. Пите, додавајќи оти неговата идеја засњега не поминува добро кај производителите и нивните акционери.
Проф. Пите е раководител на службата за контрола на инфекции на Универзитетските болници во Женева, а исто така е коавтор на книгата „Победа над епидемиите. Од свесност до гестови кои спасуваат живот“.