Доверлив документ на американското разузнавање сугерира дека приватната воена компанија Вагнер се обидела да купи оружје и воена опрема од членката на НАТО Турција, пишува Си-Ен-Ен. Документот покажува дека Вагнер е подготвен да инвестира финансиски средства за дополнително зајакнување на своите способности.
Како членка на НАТО, Турција се смета за партнер на САД и другите земји кои обезбедуваат директна воена поддршка на Украина и јавно го изрази своето противење на руската инвазија. Турција е дом на главната американска воена база каде се складира нуклеарното оружје и служи како дополнително предупредување за одвраќање на руската агресија против членките на НАТО.
Според извештајот на американското разузнавање цитиран во документот, персоналот на Вагнер се сретнал со „турските контакти“ на почетокот на февруари со намера „да купи оружје и опрема од Турција“ што потоа би можело да се користи од платениците на Вагнер кои се борат заедно со руските сили во Украина.
Не е јасно кои биле овие „контакти“ и дали турската влада знаела за средбите. Нема докази дека е постигнат напредок во договорот во врска со продажбата на оружје на Вагнерците. Сепак, можноста сојузникот на НАТО да им продава оружје на руските платенички сили најверојатно ќе предизвика сериозна загриженост во Вашингтон и ќе ги комплицира односите на Анкара со другите членки на НАТО.
Документот објавен под наслов „Мали, Русија, Турција: Вагнер бара оружје од Анкара“ открива детали од февруарските состаноци и сугерира дека ова не бил прв таков обид на Вагнеритите да се вооружат. Се тврди дека Вагнер планирал да користи и оружје и опрема од Турција во Мали, африканската земја во која дејствуваат членовите на Вагнер.
Дополнително, во документот се тврди дека паравоената група планира да продолжи со регрутирање затвореници од руските затвори. Си-Ен-Ен не ја потврди независноста на документот, но американските власти посочија дека повеќето од објавените информации се автентични.
Портпаролот на Стејт департментот нагласи дека „Министерството за одбрана и разузнавачката заедница активно ја разгледуваат и ја оценуваат валидноста“ на објавените документи, додавајќи дека тие „не се во позиција да потврдат или коментираат какви било конкретни информации што ги содржат“.
Американските власти долго време се справуваат со комплицираната реалност на уникатните односи на Турција со Москва, и покрај тоа што се работи за воен сојуз чија цел е да ја заштити пограничната нација од потенцијалната закана од руска експанзија. Иако турската влада изрази противење на руската инвазија на Украина, за разлика од многу членки на НАТО, таа одржува блиски врски со владата во Москва.