Уставниот суд на Тајланд денеска ја распушти опозициската политичка партија која го критикуваше воениот естаблишмент и забрани на нејзиниот лидер да се занимава со политика во наредните десет години.
Распуштањето на партијата „За иднината напред“ се случи за помалку од една година по изборите во Тајланд, со кои требаше да се стави крај на петгодишното воено владеење, зацврстувајќи ја позицијата во Парламентот на коалицијата што ја предводи премиерот Прајут Чан-оча.
Коалицијата составена од антивоени партии, предводена од милијардерот Танаторн Јуангронгруангкит (41) силно ја критикуваше доминацијата на војската во политиката.
Судот пресуди дека партијата го прекршила законот со тоа што земала заем во износ од 6,08 милиони долари од Танаторн и нему и на уште 15 партиски членови им забрани да се занимаваат со политика во наредните десет години.
И партијата и Танаторн негираа дека сториле нешто погрешно.