Научниците на федералниот Универзитет на Урал пронајдоа досега најголемо парче од метеоритот кој на 15. февруари падна во регионот Чељабинск, изјави за РИА “Новости” Виктор Гороковски, шеф на експедицијата.
Фрагментот од метеоритот е тежок повеќе од еден килограм, а го пронајде експедицијата што на скии поминала околу 50 километри по траекторијата на која се движел метеоритот.
Освен овој, досега најголем фрагмент, пронајдени се повеќе од сто мали остатоци.
По експлозијата на метеоритот, вкупно 1.500 луѓе се повредени во рускиот регион Тјумен, Курган, Екатеринбург и Чељабинск.
Од министерството за внатрешни работи во регионот Чељабинск, беше соопштено дека метеоритот се распаднал на седум делови, од кои еден, можеби најголемиот, најверојатно завршил во замрзнатото езеро Чебаркул, каде што направил дупка на површината со дијаметар од осум метри.