Ураганот „Иан“ достигна силина од четврта категорија на петстепената „Сафир-Симпсонова“ скала додека наближува до западниот брег на Флорида.
Американскиот Национален центар за урагани утринава извести дека брзината на ветриштата достигнала 220 километри на час, а самото „око“ на исклучително опасното невреме било на околу 125 километри западнојугозападно од Неапол на Флорида.
Невремето се движи кон север со брзина од 17 километри на час.
Властите предупредија на потенцијално опасен бран што ќе го зафати густо населениот заливски брег од плажата Бонита до реонот Тампа.
Ветровите и дождот почнаа да зајакнуваат на Флорида еден ден откако „Иан“ ја погоди западна Куба, прекинувајќи го електроснабдувањето на целиот остров.
Извор: МИА