Секое петто дете во богатите држави живее во сиромаштија, се вели во анализа на УНИЦЕФ. Недостигот од храна и образование е исто така широко распространет проблем, наведуваат експерти.
Во подготовката на извештајот се анализирани 41 држава со високи и средни доходи, од Европа, Источна Азија, Океанија, Северна Америка, како и од Израел, Мексико и Чиле.
Истражувањето укажува и на тенденции како намалена бременост во тинејџерска возраст и употреба на алкохол кај младите.
Најдобри резултати по неколку показатели за децата имаат скандинавски држави, Германија, Швајцарија, Јужна Кореја, Словенија и Холандија.
Јужна и Источна Европа како и држави од Латинска Америка покажуваат тенденции кон највисоки нивоа на детска сиромаштија, според анализата.
– Повисоки приходи не значат и автоматско подобрување на ситуацијата за сите деца, нагласува Сара Кук шеф во УНИЦЕФ.
На пример, Јапонија, САД и Канада се меѓу државите со најслаби социјални и даночни политики за намалување на сиромаштијата кај децата.
Во просек, едно од осум деца во богатите држави нема сигурност при набавка на храна, соодносот е еден-спрема-три во Турција и во Мексико. Една третина од 15-годишните деца од анализата немаат основни знаења за читање, математика и наука.