Богатите земји во светот имаат мошне мал напредок во активностите за надминување на нееднаквоста меѓу децата во сферите на образованието, здравството, приходите и задоволството од животот.
Од 2000 година досега „пропаѓањето на најсиромашните деца и на нивните врсници станало уште поголемо“, констатираат експерти од истражувачкиот центар „Иноченти“ на УНИЦЕФ, чиј извештај беше објавен денеска.
Документот, чии автори се Џон Хадсон и Штефан Кјонер, ги посочува обесхрабрувачките тенденции на светско ниво и ги систематизира карактеристиките на нееднаквост во 41 земја од Организацијата за економска соработка и развој и Европската унија.
Според нив „ниту една земја всушност не успеала“ да ги намали разликите, кои се однесуваат на здравствените проблеми, а нееднаквоста е дури продлабочена во 25 држави, меѓу кои се Ирска, Малта, Полска и Словенија.
Во образованието многу малку земји успеале да ги намалат разликите во однос на успехот и бројот на учениците, кои имаат потешкотии со читањето.
– Нееднаквоста расте, а успехот се намалува во Финска и Шведска, земји кои некогаш беа пример, се наведува во документот.
Во Бугарија, Чиле, Мексико и Романија, една четвртина од 15-годишните ученици не ги поседуваат потребните вештини и навики за основните знаење во областите на читањето, математиката и другите науки, што е особено алармантно, според УНИЦЕФ.
Во 19 од земјите, меѓу кои во Шпанија, Грција, Италија, Португалија, Израел, Јапонија и Мексико најсиромашните деца располагаат со помалку од половина од приходите на оние кои ги има дете од просечно семејство во тие држави.
Нееднаквноста од задоволството во животот се продлабочува во над половина од опфатени земји, особено во Белгија, Шпанија и Чешка.
Во Париз денеска треба да се одржи конференција насловена како „Поголема еднаквност за децата“, во органзиација на УНИЦЕФ, на која ќе учествуваат меѓународни експерти.