Околу 76,5 милиони деца во најразвиените земји живеат во сиромаштија, се истакнува во извештајот на УНИЦЕФ, со предупредување дека од почетокот на економската криза во 2008 година најмалку 2,6 милиони деца живеат под границата на сиромаштијата.
Студијата „Деца на рецесијата“, со која се опфатени членките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), како и земјите на Европска унија, покажува дека во 23 од 41 држава има раст на сиромаштијата меѓу децата како директен резултат од кризата.
– Многу земји доживеаја голем скок наназад во однос на приходите на домаќинствата, што ќе има долгорочни последици по децата, изјави Џефри О’Мејли, директор на канцеларијата за глобална политика и стратегија на УНИЦЕФ.
Во извештајот се посочува дека најпогодени се децата во Ирска, во Хрватска, во Литванија, во Грција и на Исланд, каде стапката на сиромаштија забележа пораст за над 50 проценти.
Процентот на домаќинства кои не можат да купуваат месо или риба секој втор ден е повеќе од двојно зголемен во Естонија, во Грција и во Италија, а негативното влијание на кризата врз децата посебно се почувствува во регионот на Медитеранот.
Во 18 земји забележан е пад на сиромаштијата кај децата – Австрија, Чиле, Финска, Норвешка, Полска и Словачка, каде нивото на сиромаштија е намалено за околу 30 отсто.