Голема операција почна во Сирија за обезбедување на чиста вода за повеќе од 10 милиони лица, речиси половина од вкупното население во земјата, соопшти детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
Првите четири камиони, кои пренесуваат 80 тони натриум хипохлорид за хлорирање на водата ја преминаа границата на Јордан со Сирија во неделата, упатувајќи се кон Хомс, Алепо, Хама и Идлиб. Во следните неколку недели УНИЦЕФ ќе достави 1.000 тони хлор до градовите во сите 14 општини во Сирија.
Операцијата почна во време на зголемена загриженост за влијанието на 23-месечниот конфликт во земјата врз квалитетот на водата, станиците за прочистување и други витални инфраструктурни објекти и последиците врз здравјето на децата.
– Оваа пратка е многу навремена, бидејќи испораките на хлор во Сирија паднаа на ниско ниво, што го прави пристапот до безбедна вода предизвик за голем број семејства, изјави Јусуф Абдел Џелил, претставник на УНИЦЕФ во Сирија.
УНИЦЕФ има потреба од 22,5 милиони долари за достава на помош за Сирија во областа на водоснабдувањето и канализацијата во периодот јануари-јуни 2013 година. Досега се добиени само 4,8 милиони долари.