Над 125 милиони жени и девојки во светот се изложени на генитално сакатење – обрежување, а во следните 10 години таква опасност им се заканува на 30 милиони девојки, соопшти УНИЦЕФ. Иако таквата пракса глобално бележи пад, тоа е присутно во африканските и блискоисточните држави. Операцијата се состои во комплетно или делумно отстранување на надворешните гениталии.
– Иако речиси еден век се работи да престане таквата пракса, иако се смета и за кршење на човековите права, таа упорно опстанува, а како главна причина се наведува општествената прифатеност на обрежаните жени – изјави претставничката на УНИЦЕФ, Клаудија Капа.Таа наведе дека поради ставот на општеството мајките прифаќаат ќерките да им бидат осакатени, иако и самите оценуваат дека обрежувањето на жените треба да се укине.
Приврзаниците на обрежувањето сметаат дека со тоа девојката има поголеми шанси да се омажи и оти жената со тоа станува поубава. Во Сомалија се обрежани 98 отсто од жените меѓу 15 и 49 години, потоа следи Гвинеја со 96, Џибути со 93 и Египет со 91 отсто.
Во Кенија и во Танзанија обрежувањето на жените сè помалку се применува, а речиси двојно е намалено во Бенин, Централноафриканскта Република, Ирак, Либерија и во Нигерија. Но, состојбата не е смената во Чад, Гамбија, Мали, Сенегал, Судан и во Јемен.