Речиси половина од целокупното насилство врз африканските мигранти во текот на нивното патување до медитеранскиот брег, го врши полицијата, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).
Според извештајот на УНХЦР и Центарот за миграција на Данскиот совет за бегалци (ММЦ), илјадници бегалци и мигранти се жртви на екстремно злоставување, вклучувајќи малтретирање и сексуално или родово засновано насилство, а во некои случаи има смртни последици.
Извештајот е заснован врз речиси 1.600 спроведени интервјуа со бегалци и мигранти.
– Во 47 отсто од случаите, жртвите пријавиле дека извршители на насилството се полициски службеници, а во минатото се верува дека тоа главно биле криумчарите и трговците со луѓе, изјави Винсент Кохетел, специјален пратеник на УНХЦР за централното Средоземие, на конференција во Женева.
УНХЦР соопшти дека во 2018 и 2019 година загинале 1.750 луѓе, обидувајќи се да стигнат до море, но Кохетел истакна дека реалните бројки се најверојатно поголеми.