Телевизиските дебати за шкотската независност, што досега на двапати се одржаа во Глазгов, меѓу првиот министер на Шкотска Алекс Салмонд, предводник на сепаратистичкиот блок, кој води кампања за отцепување и поранешниот британски министер за финансии Алистер Дарлинг, раководител на кампањата „Заедно е подобро“ предизвикуваат голем интерес и во Шпанија.
Острата дебата и аргументите „за“ и „против“ раскинувањето на 307 години старата унија меѓу Англија и Шкотска,по што е создадено Обединетото Кралство на Велика Британија, преку интернет се следат во Мадрид и во низа шпански градови.
Посебен интерес покажуваат луѓето од југот на земјата, од Малага и Севиља, како и од Барселона и цела Каталонија, но дебата со голем интерес ја следат и жителите на Гибралтар.
Интересот во Шпанија, за тоа како ќе гласаат Шкотланѓаните на референдумот од 18 септември, во Мадрид се оценува како сосема разбирлив, затоа што земјата се соочува со неколку сепаратистички движења.
Баскија има стекнато голема автономија, користејќи ја својата посебност, но во Каталонија последниве години забрзано се засилува сеператизмот. Локалните каталонски политичари бараат од владата во Мадрид да дозволи референдум за независност, по примерот на тој во Шкотска, тврдејќи дека мнозинството Каталонци се за отцепување од Шпанија.
Сепаратистите во Барселона веќе имаат и посебни декларации за промовирање на својата независност, а низ Каталонија на неколкупати се одржуваа мирни сепаратистички демонстрации.
Шпанската Влада на премиерот Мариано Рахој, меѓутоа неколкупати досега соопшти дека „нема никогаш“ да се согласи со барањата на сепаратистите за растурање на државата.
Официјален Мадрид на неколкупати досега порача дека работа на Шкотска е дали ќе дојде до отцепување, но навести дека силно ќе се спротивстави на влегувањето во ЕУ на една „отцепена територија“ од земја, која е веке членка на Унијата.
Освен во Каталонија, интерес за осамостојување, врз основа на „национални и историски“ права покажуваат и сепаратистичките движења во Андалузија и во Галиција, но тие се многу послаби отколку каталонските.
Гибралтар е британска прекуморска територија, на Пиринејскиот Полуостров, која Велика Британија ја има добиено од шпанскиот крал пред повеќе од три века, со договорот од Утрехт. Огромно мнозинство Гибралтарци сакаат и понатаму да останат самостојни во однос на Шпанија, па можноста за расцеп на англиско-шпанската унија, на Карпата, како популарно се нарекува Гибралтар, се гледа како закана и за нивната иднина.