Полскиот премиер Доналд Туск по состанокот на Советот за национална безбедност (НСБ), изјави дека Полска ќе одговори „соодветно“ на секој напад, како што направи за време на упадот на руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор на 10 септември.
– Полска реагираше многу трпеливо, разумно и претпазливо. Како членка на НАТО, имаме одговорност да го зачуваме мирот, па затоа нашите одговори секогаш беа соодветни, рече Туск.
Тој ги отфрли, како што изјави, дезинформациите што сугерираат дека Украина е одговорна за нападот.
„Ставот на војската, нашите служби, претседателот и мојот е недвосмислен. Ги отфрламе сите манипулации и дезинформации што сугерираат дека Украина стои зад овој напад, дека ова е украинска провокација.
– Нашето знаење е јасно и одговорноста за овие настани на полското небо е на Руската Федерација, нагласи Туск.
Тој најави затворање на границата со Белорусија од полноќ поради почетокот на заедничките воени вежби „Запад“.
Туск нагласи дека сите европски сојузници го сметаат инцидентот за заеднички проблем и „дадоа јасни изјави за практична поддршка на Полска“.
Тој, исто така, истакна дека Полска ќе соработува тесно со Украина на развој на систем за борба против беспилотни летала. Покрај тоа, тој изјави дека Велика Британија и Франција работат на дополнителна воздушна одбрана за Полска.
Тој изјави дека Полска очекува јасни изјави за солидарност од сите сојузници, вклучително и од САД. Туск рече дека разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставници на Европската комисија и нагласи дека финансиските средства нема да бидат пречка за оваа соработка.
Туск нагласи дека добил јасно ветување од Соединетите Американски Држави за целосна поддршка и сојуз по инцидентот, кој, според него, е „исклучително важен“ за Полска. Тој изрази загриженост за она што го нарече „отсуство на експлицитни и јасни ставови од американската администрација веднаш по нападот“.
„Сите би сакале нашиот најголем сојузник директно да проговори, но мора да се навикнеме на новата ситуација.
Она што повеќе ме загрижува се изјавите на претседателот (на Белорусија) Александар Лукашенко и некои политичари преку Атлантикот дека Русија не може да биде изолирана.
Кога вакви изјави се даваат само неколку часа по провокација и де факто напад врз земја-членка на НАТО, тие се збунувачки“, заклучи полскиот премиер, пренесува Танјуг.