Туск: Обвинувањата на Варшава против мене се „лов на вештерки“

Од:

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск синоќа во Варшава изјави дека обвинувањата против него за дела од времето додека беше премиер на Полска, се дел од „политичкиот лов на вештерки“ што го спроведува актуелната полска Влада.

Туск вчера допатува во полскиот главен град на барање на државното Обвинителство, со цел да биде сослушан како сведок во една истрага затворена за јавност, поврзана со активностите на двајца оперативци на полското воено контраразузнавање.

Тие се осомничени дека ја „злоупотребиле својата положба“, согласувајќи се да соработуваат со „странска разузнавачка служба“.

Станува збор за руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), наследничка на советската КГБ, и за два случаи на „соработка“ од 2010 и 2013 година.

Туск, кој беше полски премиер од 2007 до 2014 година, е повикан во Обвинителството во Варшава за да објасни дали како претседател на Владата дозволил таква соработка.

Голем број приврзаници на неговата демохристијанска партија Граѓанска платформа (ПО), која сега е најголема опозициска сила во Полска, го пречекаа Туск на главната варшавска железничка станица за да му изразат поддршка.

Сите заедно потоа од станицата го испратија поранешниот премиер до зградата на Обвинителствто.

Аналитичарите во полскиот главен град проценуваат дека целиот овој случај има за цел да му се наштети на Туск и на неговиот рејтинг во домашната политика, како и дека зад тоа стои сегашната владејачка десна популистичка партија Право и правда (ПиС).

Лидерот на ПиС Јарослав Качински важи за „непомирилив противник“ на Туск, кого го обвинува дека како премиер е виновен за падот на полскиот државен авион кај рускиот град Смоленск во 2010 година, при што загина тогашниот претседател на државата и негов брат-близнак Лех Качински и уште 95 други лица.

Актуелната полска Влада на премиерката Беата Шилдо од друга страна го обвинува Туск дека ја злоупотребува својата функција во ЕУ за да се „меша во полската политика“.

Минатиот месец Полска беше единствена од 27-те членки на ЕУ која гласаше против реизборот на Туск за претседател на Европскиот совет.

Би можело да ве интересира

Зеленски и Туск: Украина и Полска ќе работат заедно за да ја запрат руската агресија

Горан Наумовски

Туск: Русија планираше „терористички акции“ во воздух

Туск: Мора да се зајакне безбедноста во Балтичкото Море

Сикорски: Русија е многу послаба отколку што мислат Европејците

Полска го презеде од Унгарија преседавањето со ЕУ

Полска и се закани на Русија – Варшава тестира ракета способна за неколку минути да стигне до Москва

А1он