Страшна несреќа се случи во Перу кога мал туристички авион се урна, при што загинаа сите 13 лица во леталото.
Меѓу жртвите имало 11 патници и двајца членови на екипажот, потврдија локалните власти.
Авионот на перуанската компанија „Аеродијана“ полетал од аеродромот во Писко за да им овозможи на туристите панорамски лет над древните геоглифи, кои се една од најпознатите туристички атракции во Јужна Америка.
Според првичните информации, авионот ја изгубил врската со контролата на летање кратко по полетувањето, по што се урнал во областа Пуебло Виехо, на неколку километри од градот Наска.
Причината за падот на авионот засега е непозната. Надлежните служби започнаа истрага за да утврдат што довело до трагедијата.
Познатите линии Наска претставуваат огромни цртежи во пустината кои прикажуваат различни животни, форми и геометриски фигури. Овие древни локалитети привлекуваат околу 100.000 посетители годишно, а многу туристи ги разгледуваат од воздух.
Летовите над оваа област претходно беа привремено прекинати поради силниот ветер што ја намалуваше видливоста и го отежнуваше безбедното летање.
Според локалните медиуми, поради неповолните временски услови, некои авиони морале да го променат курсот и да слетаат на алтернативни аеродроми.
