Најголемиот светски пребарувач Гугл предупреди дека претстојната Светската конференција за меѓународни комуникации, која ќе се одржи од 3 до 14 декември во Дубаи во организација на Обединетите нации претставува опасност за слободниот и отворен Интернет.
Претставници на владите на земјите-членки на ОН на конференцијата ќе се обидат да усвојат нова спогодба за информирање и комуникација.
Некои земји се обидуваат да го преземат надзорот врз техничките делови на мрежата и системот на домеини од американските тела и да го префрлат на меѓународната организација.
Гугл побара од своите корисници да го додадат своето име на онлајн петицијата против најавените измени.
– Меѓународната телекомуникациска унија (ИТУ) се обидува повторно да ја активира со децении старата спогодба за комуникации, јави сајтот Тејк Екшн.
Некои од предлозите, кои ќе се разгледуваат може да им овозможат на владите да ги цензурираат легитимните говори или дури да оневозможат пристап до Интернет. Други предлози бараат од сервисите како што се Јутјуб, Фејсбук и Скајп да платат нови давачки за да бидат достапни до луѓето во целиот свет. Ова може да го лимитира пристапот до информации, особено на пазарите во раст.
Компанијата Гугл додаде дека е загрижена поради тоа што само владите имаат пристап во ИТУ, а не и компаниите или други кои имаат учество во мрежата. – Светската конференција за меѓународни комуникации е погрешно место за донесување одлуки за иднината на Интернетот, нагласува Гугл.
Меѓутоа ИТУ вели дека нова спогодба е потребна за да се обезбеди „слободен проток на информации ширум светот, да се промовира еднаков пристап за сите и да се постават темелите за тековните иновации и растот на пазарот“.
ИТУ нагласува дека секоја земја, може да повика кого сака да биде дел од делегацијата на состанокот. Оваа агенција на ОН смета дека растот на Интернетот и напредокот на мобилната телефонија ќе влијаат на одлуката постоечката спогодба, усвоена во 1998 година, да се надгради.
Иако агенцијата не ги објавува предлозите на секоја влада пред конференцијата, на сајтот Wcitlekas, кој го водат научниците од Универзитетот Џорџ Мејсон се појавија некои детали. Последен е објавен предлогот на Русија, која смета дека САД треба да имаат помала контрола врз Интернетот.
Најавените измени предвидуваат промена на сегашниот систем, со кој прашањата за функционирање на Интернетот ги регулираат непрофитни тела, кои официјално се под надзор на американското Министерство за трговија. Руските медиуми претходно јавија дека Кина и Индија ја поддржале Русија ИТУ да ја преземе функцијата на управување и регулирање на светската мрежа. Меѓутоа американската амбасадорка на конференцијата Тери Крамер, веќе испрати сигнал дека дека тоа нема да го поддржи, нагласувајќи дека сегашните институции работат ефикасно и оти тие и натаму ќе ги „обезбедуваат растот и здравјето на Интернетот“.
Генералниот секретар на ИТУ, Хамдоун Туре претходно ги коментираше начинот на кој ќе функцонира конференцијата и како новите прописи ќе бидат усвоени. Тој тврди дека ќе се направи обид да се избегне мнозинското гласање, доколку има големи несогласувања околу некои прашања и оти расправата ќе се води во насока на компромис.