Тригодишната Еми спиела покрај нејзината најдобра другарка во градинка во северниот дел на Тајланд, кога напаѓачот, издрогиран, поранешен полицаец, влетал во собата вооружен со пиштол и нож. Само два часа пред ужасниот напад, децата цртаа, пишуваа и играа. Околу 10 часот, воспитувачките им испратија на родителите фотографии од насмеани и среќни деца.
Два часа подоцна во градинката дошол убиецот Пања Камраб. Прво ја убил учителката која била во осмиот месец од бременоста, а потоа ги убил речиси сите деца кои тогаш биле во градинката. Еми е единствената преживеана и не е јасно како. Полицијата ја пронашла, а таа била будна и свиткана покрај телата на нејзините пријатели, пишува Би-Би-Си.
“Не знаеше што се случува кога се разбуди. Мислеше дека нејзините пријатели сè уште спијат. Полицаецот и го покри лицето со крпа и ја извади од собата”, рекол нејзиниот дедо Сомсак Сритонг.
Мајката на Еми, 35-годишната Паномпаи Сритонг, работи во Бангкок во текот на неделата. Ѝ кажале дека сите деца во градинката се убиени.
„Кога ја видов Еми во текот на видеоповикот, се почувствував благословена“, рекла нејзината мајка.
Бабата и дедото на Еми велат дека таа постојано прашува каде е нејзината најдобра пријателка, која беше убиена во нападот.
“Нејзината баба на крајот и кажа дека сите нејзини другарки од градинка и учителката умреле. Мораме постојано да и кажуваме дека училиштето е затворено. Таа е премногу млада за да го разбере концептот на смртта”, рекла мајката на Еми.
Мотивот за нападот се уште не е познат. Во масакрот беа убиени вкупно 37 лица, а најголем дел од убиствата се случија во градинка во Нонг Буа Ламфу. Меѓу убиените има 23 деца. Во својот крвав поход убиецот употребил и ладно и огнено оружје, а децата ги избодел додека спиеле. Бегајќи од градинката пукал во случајни минувачи. Кога се вратил дома, се убил себеси, сопругата и детето.