Над 120.000 учесници, 36 повредени од кои 24 се во болници, 30 приведени и десетици опожарени автомобили е билансот од вчерашните протести во Белгија.
Според Би-Би-Си, тоа се најтешки немири во државата од Втората светска војна досега.
Трите главни синдикати ги организираа демонстрациите против намерите на федералната Влада за ограничување на трошоците во јавната сфера, за зголемување на даноците и за зголемување на возраста за пензионирање.
Синдикатите повикаа средствата што недостигаат (долгот е 100 отсто од БДП) да се побараат кај богатите, јави БТА.
Дополнително протестите разгореа по информациите дека богати семејства и приватни и државни фирми како Белгаком и банката Дексиа избегнувале плаќање данок со регистрирање претставништва во Луксембург. Така тие фирми плаќале во белгиската каса данок од 2,3 отсто, додека останатите плаќаат меѓу 30 и 50 отсто данок на приходи.
Премиерот Шарл Мишел, кој ја презеде должноста пред помалку од еден месец, изјави дека вратите за преговори со синдикатите се отворени, а виновниците за немирите во Брисел ќе бидат изведени пред суд.
Тој додава дека планираните владини мерки имаат цел создавање нови работни места и обезбедување стабилност на системот за социјални трошоци.
Следните големи протести се закажани за 15 декември.