Најмалку 13 лица се убиени, а 16 повредени синоќа во три самоубиствени напади во нигерискиот град Маидугури, во провинцијата Борно на североисточниот дел на земјата.
Нападите ги извршиле три жени. Првата го активирала својот експлозивен појас во мал ресторан, убивајќи дел од посетителите. Набргу потоа и другите две жени-самоубијци детонирале, нанесувајќи им повреди на минувачи.
Северна Нигерија е под силен притисок на исламистичката група Боко Харам. Околу два милиона граѓани се расселени во борбите меѓу нигериската армија и исламистите, а најмалку 20.000 лица се убиени во борбите кои се водат од 2009 година.