Трамп разгледува опции против Иран, иранскиот режим уби најмалку 538 луѓе за две недели

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп ги разгледува опциите за Иран, додека иранскиот режим уби најмалку 538 луѓе за две недели во задушувањето на протестите, според американската новинска агенција „Активисти за човекови права“, објави денес NBC.

Тројца американски претставници рекоа дека Трамп сè уште не донел конечна одлука, но потсетија дека американскиот претседател јавно изјавил дека би можел да преземе мерки ако иранските лидери убијат демонстранти.

Тие рекоа дека на Трамп му се презентирани прелиминарни планови кои се движат од можни напади до други опции кои не би вклучувале воена акција. Новинската агенција „Активисти за човекови права“ денес објави дека најмалку 538 луѓе се убиени, додека норвешката група „Иран хуман рајтс“ цитираше непроверени извештаи дека можеби се убиени неколку стотици луѓе. Исчезнувањето на интернетот во Иран им го отежнува на новинарите и групите за човекови права независно да ги потврдат извештаите од земјата, објави NBC.

Иран го предупреди Трамп во саботата дека израелските и американските воени бази во регионот би можеле да се сметаат за „легитимни цели“ доколку има напад од страна на САД.

Трамп претходно оваа недела се закани со воена интервенција доколку Иран се обиде да ги потисне протестите, а во саботата понуди дополнителна поддршка за демонстрантите во нивната борба за слобода.

Иранската влада не објави бројки за тоа колку демонстранти се приведени, но новинската агенција „Активисти за човекови права“ објави дека најмалку 10.675 лица се уапсени за време на протестите, кои се одржаа на 574 локации во 185 градови низ целата земја.

Главниот обвинител на Иран, Мохамед Мовахеди Азад, во саботата изјави дека демонстрантите ќе се сметаат за „непријатели на Бога“ и ќе се соочат со смртна казна.

Протераниот син на поранешниот шах на Иран, Реза Пахлави, продолжи да ги охрабрува демонстрантите денес откако претходно ги повика да се подготват да ги окупираат градските центри низ Иран.

Пахлави, кој живее во Соединетите Американски Држави, ја пофали поддршката на Трамп во објава на Платформа X денес и вети дека наскоро ќе биде со демонстрантите, пренесува Танјуг. Протестите започнаа во Техеран на 28 декември минатата година поради падот на вредноста на иранската валута и економските тешкотии во земјата, а оттогаш се проширија во повеќе од 100 градови и места низ сите ирански провинции.

Би можело да ве интересира

(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) Иран: Голем број вреќи во кои се телата на убиените демонтранти

Сар: Израел ја поддржува борбата на иранскиот народ за слобода

Калибаф: Ако нè нападнете, ќе возвратиме уште посилно

Нетанјаху верува во нови односи меѓу Израел и Иран по падот на режимот во Техеран

Пахлави: Безбедносните сили го напуштаат режимот

Трамп: Предлагам кубанските власти да постигнат договор пред да биде предоцна